Во Србија се намножија идеите за можна размена на територии и на население како можно решение за спорот меѓу Белград и Приштина

Официјален Белград со голема надеж и оптимизам гледа на секоја позитивна реакција од меѓународни дипломати што ја поддржуваат идејата на српскиот претседател Александар Вучиќ за решавањето на проблемот со Косово преку разграничување, која би опфатила и размена на територии и на население. Последните изјави на Вучиќ се дека Белград и Приштина се далеку од договорот за размена на население, според кој Албанците од југот на централна Србија би се преселиле на Косово, а Србите од КиМ би се населиле во централниот дел на Србија. Сепак, оваа идеја наидува на спротивставени коментари кај граѓаните и кај стручната јавност. Весникот „Политика“ објави поширок текст, во кој се даваат и претходни примери за размена на население меѓу Грција и Турција и меѓу Индија и Бангладеш.

Историчарот Милан Ст. Протиќ, еден од поранешните лидери на ДОС и поранешен амбасадор во САД, неодамна изјави дека „доброволната размена на население би можела да биде добро и долгорочно решение за косовскиот проблем“. Според него, ова е идеално решение под услов да се обезбеди и екстериторијалност за српските верски објекти на Косово и обврска од Србија да го финансира нивното одржување.

– Грците и Турците разменија 2,5 милиони луѓе, а кај нас станува збор за вкупно 150.000 Срби и Албанци. Некому му одговара прашањето за Косово да биде отворено – изјави Протиќ.

Лидерот на СРС, Војислав Шешељ, застапува поинаква идеја за размена на населението. Тој предлага да се организира референдум во 12 српски општини во јужната „покраина“, на кој Србите би се изјасниле каде сакаат да живеат. Шешељ се залага Србите од оддалечените енклави во Штрпце и во Ораховица да се преместат во Приштина, а тамошните Албанци да се преселат на Косово.

Социологот Владимир Вулетиќ за „Политика“ вели дека не е лошо да се слушнат сите идеи, но забележува дека размената на население е комплицирано решение.

– Не станува збор само за размена на население туку и за размена на имотот, што ја усложнува постапката. Од друга страна, се испраќа друга слика дека основата за размената се меѓусебната нетрпеливост и неможноста Србите и Албанците да живеат заедно, што не е суштински проблем. И порано имаше предлози, во 2000 година, да се разграничиме со Албанците и да се подигне ѕид за да не им се дозволи да се прошируваат на југот на Србија. Значи, да им се оневозможи купување земја околу Ниш и на други места. Но не можеме да го спречиме тоа, кога имаме закони за слободно инвестирање и да се забрани купување имот по етничка основа. Размената на население не ја гледам како нешто што го решава проблемот. Тоа е сложено и не се знае што конечно може да донесе – вели Вулетиќ.

Политичкиот аналитичар и историчар Драгомир Анѓелковиќ прифаќа размена на население, но не и размена на територии. За него едно е прашањето за поделба на Косово, под покровителство на ОН, но доколку би се одело на размена на територии би се отворило и прашањето за територијалниот интегритет на Србија.

– Поприфатливо е решението за поделба на Косово за размена на населението со кое Албанците од југот на Србија, ако го сакаат тоа, ќе се преселат на Косово, а Србите што се надвор од зоните што би ѝ биле вратени на Србија ќе се населат во централниот дел на нашата држава. Тоа треба да се прави на доброволна основа и со сериозна компензација од државата и финансиска поддршка за Србите што би се иселиле – вели Анѓелковиќ.

За тоа колку размената на население е реална опција, Анѓелковиќ за „Политика“ дава и соодветно објаснување.

– Во овој момент не изгледа реална ни поделбата, затоа што Албанците велат дека не го сакаат тоа. Но и самите се свесни дека никогаш нема да добијат свое место во ОН, затоа што не се признаени од половина земји и никогаш нема да влезат во ЕУ доколку не постигнат договор со Србија – нагласи тој.


Размената меѓу Индија и Бангладеш

По Првата светска војна меѓу Кралството Југославија и Унгарија и Романија дојде до размена на население на доброволна основа. Денес има Унгарци во Романија и во Србија, како и малку Срби во Унгарија и во Романија. Сите тие не се согласија со преселувањето. Директно се разменувал имотот меѓу заинтересираните лица или државата исплатувала финансиска помош за изградба на нова куќа.
Прва поголема преселба на Балканот, која имала облици на модерно етничко чистење, се случила по завршувањето на Грчко-турската војна во 1922 година, кога Грција беше поразена. Војната заврши со мировен договор и со размена на 1,5 милион Грци од Мала Азија, кои се преселени во Грција, и половина милион муслимани.
Индија и Бангладеш во 2015 година исто така направија размена на територии, односно со припојување на околу 150 енклави на двете страни со 50.000 етнички Бенгалци и припадници на заедницата Хинду што живееле во пограничната зона на двете земји.