Во најнезавидна состојба во регионот се иселениците од третата генерација што заминале во странство во последните пет-шест години, а кои по изгубените работни места се враќаат дома
Намалувањето на девизните дознаки од иселениците, поради намалените економски активности, негативно ќе се одрази на земјите во развој, во кои се и државите од Западен Балкан. Голем дел странски работници што беа во високоразвиените земји останаа без работа и се вратија дома. Светската банка предвидува дека дознаките од иселениците до своите роднини во матичните земји на глобално ниво годинава ќе се намалат за 142 милијарди долари, односно за 20 отсто. Тоа е за четири пати повеќе од периодот на економската криза во 2009 година, па ова ќе биде најголем пад досега. Неофицијално, околу 400 илјади работници се вратиле во балканските држави по појавата на епидемијата.
Во Босна и Херцеговина преку официјалните канали влегуваат повеќе од 1,5 милијарда евра дознаки од странство, што е 10 отсто од годишниот БДП, вели економистот Фарук Хаџиќ за „Ал џезира“. Според податоците на Централната банка на БиХ, за девет месеци лани иселениците испратиле над 1,3 милијарда долари, или четири пати повеќе од вредноста на инвестициите во тој период. Во последните десет години дијаспората во БИХ испратила 25 милијарди евра.
– Неофицијалните податоци кажуваат дека овој износ е поголем, бидејќи не е можно да се утврди колку готовина влегла во татковината – објаснува Намик Алимајсторовиќ, уредник на портал за дијаспората.
Нема точна евиденција колку од девизниот прилив по оваа основа биле наменети за инвестиции, но тие се значајни за националната економија, затоа што ја зголемуваат домашната потрошувачка. Семејствата на странските работници се и најголемите купувачи на недвижен имот, а од тие средства се поттикнуваат малите семејни бизниси. Сегашната криза ќе ги намали директните дознаки, со што ќе се намали и потрошувачката. На ова се надоврзува и неможноста да се заработи со сезонска работа во некој од туристичките објекти во Хрватска.
Слична е состојбата и во Хрватска и во Србија. Хрватскиот економист Дамир Новотни објаснува дека годишните дознаки од дијаспората за оваа земја изнесуваат 1,5 милијарда евра. Тој вели дека во најнезавидна состојба во регионот се иселениците од третата генерација што заминале во странство во последните пет-шест години.
– Некои од нив може да се вратат на Балканот затоа што ќе останат без работа во европските земји, а социјалната помош трае кратко. Од Хрватска во ЕУ се иселиле 250.000 лица. Некои од нив работат на места што се пониски од нивните формални квалификации и образование и имаат помали приходи, кои не се доволни за покривање на трошоците за живот во странство.
Оваа генерација има животен стил на ниско штедење. Тие доста трошат и не им останува многу за да испраќаат пари дома. Повоените иселеници се и финансиски најмоќни и тие се интегрирани во тамошните општества. Но се јавува еден рефлекс, колку помалку се сеќаваат на татковината толку помалку испраќаат пари за роднините. Тоа се случи со третата генерација иселеници од Турција во Германија – вели Хаџиќ.
Ако се намали износот на дознаки за десет отсто, што е 150 милиони евра, намалувањето на БДП на БиХ ќе се намали за еден отсто. Во неповолна состојба може да се најдат земјите што зависат од парите на дијаспората.
Меѓу нив е и Косово, каде што покриеноста на увозот со извозот е околу 11 отсто, а домашната потрошувачка се одржува благодарение на девизните дознаки од странство.
Една и пол милијарда евра годишно испраќаат иселениците во Македонија, но најголем дел од овие пари се троши за живот, а само мал дел завршува како инвестиции. Девизните приливи од странство континуирано растат, а последната година изнесуваат околу 18 отсто од бруто-домашниот производ на земјата.