Стручната јавност се противи на акцијата за бришење на графитите од сараевските улици и посочува и на други проблеми со кои се нагрдува градскиот лик на Сараево
Проблемот со визуелна контаминација на градската средина е еден од проблемите со кои се соочува Сараево подолг период. Од градската управа и од Министерството за внатрешни работи во кантонот Сараево сметаат дека графитите, натписите и цртежите по градските фасади ја нарушуваат визуелната слика на градот во целина. Наспроти нив, стручната јавност смета дека цртањето графити е еден од најмалите проблеми со кои се соочува градот, кога станува збор за визуелната контаминација, пишува сајтот Радио Сараево.ба.
Сараевскиот архитект Неџад Хреља посочува дека за главниот град на Босна и Херцеговина постојат многу други визуелни проблеми со кои треба да се позанимава градската власт. Меѓу другото, тоа се билбордите, големите рекламни паноа со кој центарот на Сараево е пренатрпан.
– Мислам дека билбордите на сараевските улици го окупираа центарот на градот и такво нешто не може да се види често во Европа, освен во вакви транзициски земји, кои немаат никаква контрола, односно немаат доволен јасен однос кон корупцијата и социјалната свест. Главно, тоа се овие балкански земји, кои целосно попуштија пред комерцијалните удари што значи заработка по секоја цена. Ова е проблем на отсуство на ефикасна контрола и раситнетост на системот на одлучување. Да заклучам, графитите не се најголем проблем за градот – смета Хреља.
Според него, проблемот треба да се реши со менување на системот, а на крајот тоа ќе резултира со бришење на графитите што ја нарушуваат сликата на целиот град.
– Секако, графитите треба да се контролираат и да се дозволуваат во некои зони затоа што тоа претставува улична уметност, која денеска е целосно легитимна како начин на изразување. Од друга страна, тинејџерското и бесмислено цртање е недозволиво. Во основа првиот проблем е корупцијата и градот без контрола станува една голема фавела. Ова за што зборуваме е периферна манифестација на нешто што е предизвикано со деградација на системот и користење на интересите на политичката заедница – појаснува Хреља.
Од градската управа, која ја поддржува кампањата за отстранување на графитите, сметаат дека ова е оправдан чекор за чистење на целокупниот град во визуелна смисла, и се надеваат дека ќе успеат во нивната намера.
– Основната цел на кампањата е да се подигне свеста кај граѓаните, односно кај сите нас за чистота и убав изглед на градот без графити. Со оваа акција ќе бидат отстранети цртежите од фасадите на зградите. Тоа ќе биде направено од објектите со културно и со историско значење, а подоцна тоа ќе се направи и на поширокиот дел на градот. Постојат и други работи што го загадуваат градот и ние работиме за унапредување на градската средина – вели Алма Решо, од Службата за урбанизам, инвестиции, станбени и комунални работи на градот Сараево.
Во оваа акција ќе се вклучи и полициската управа на Сараево со изрекување казни од 150 до 450 конвертибилни марки за цртачите на графити, а овој прекршок може да прерасне и во кривично дело – оштетување туѓи предмети, како што е трајно оштетување на фасадите, што бара поголеми финансиски средства. Младите цртачи на графити не се согласуваат со политиката на казнување и напоменуваат дека овој вид улична уметност мора да се најде на улиците на градот, но под одредени услови.
– Себеси се нарекувам стручњак за околина, тоа е моето стручно занимање. Така, ако ние цртачите на графити сме единствени визуелни загадувачи јас ја поддржувам оваа акција и посакувам целиот град да биде најчист. Би бил пресреќен ако на фасадите нема ништо. Од друга страна, ова е еден од ретките начини со кои ние сме во чекор со светот, бидејќи графитите претставуваат движења, емоции, показател за тоа дека градот не е стерилен и дека живее во некоја динамика. Треба да се разграничи каде треба и каде не треба да се цртаат графити. Јас не сум видел некој да црта на религиски и на културно-историски објекти. Сведоци сме на апсурдни ситуации кога некои убави и вредни објекти можат да се урнат поради дотраеност, а ние овде говориме за бришење графити. Јас самиот би се нафатил да ги пребојам графитите, кога тоа би бил најголемиот проблем – вели еден од најпознатите цртачи на графити на сараевските улици.
Цртачите на графити нагласуваат дека низ уличната уметност се родиле голем број познати уметници во Сараево, кои сега се занимаваат со дизајн, режија или со некоја друг вид уметност, а графитите им биле најдобра практична вежба низ која ја развиле својата вештина.
– Графитите се проблем за луѓето што имаат малку поинаква перцепција од нас младите, кои се соочуваме со вистински проблеми. За нас вистински проблеми се дали пријателите ќе ни бидат гладни, дали ќе најдеме работа, што се случува со нашата држава и градот во кој живееме. Секој графит би го пребоил ако се вработат веднаш 100.000 луѓе, а вистинско визуелно загадување е што овој град нема вистинско планирање, има дивоградби и невработеност кај професионалците – заклучува овој уличен уметник.