Сараево вчера повторно беше на листата 10 најзагадени главни градови во светот, покажуваат податоците на „Ер Вижуал“.
Порталот Кликс наведува дека по неколку дена релативно чист воздух, во текот на денот квалитетот на воздухот драстично се влошил, со што Сараево се најде на седмото место на најзагадени главни градови.
Станицата за мерење во делот на градот кај Американската амбасада покажа концентрација на штетни честички на јагленмоноксид од 304 Индекс за квалитет на воздух. Овој Индекс се користи за опис на квалитетот на воздухот и се заснова на средни часовни вредности на концентрациите на загадувачките супстанции, и дава карактеризација на квалитетот на воздухот. Индексот ги зема во предвид концентрациите на сулфур диоксид (SO2), азот диоксид (NO2), суспендирани честички (PM10), фини честички (PM2,5), озон (O3) и јаглерод моноксид (CO). Измерените концентрации се споредуваат со постојните упатства за квалитет на воздухот. Според овој Индекс, на мерната станица кај Американската амбасада во Сараево воздухот беше окарактеризиран како опасен, додека во другите делови од градот како нездрав.
Во следните денови се очекува почист воздух во главниот град на Босна и Херцеговина поради најавените врнежи на снег.