Поранешниот хрватски премиер и некогашен лидер на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Иво Санадер денеска со полициски автомобил беше префрлен во затворот Реметинац во Загреб, откако Врховниот суд му ја зголеми казната за аферата „Планинска“, а Жупанискиот суд издаде налог за негово спроведување.
– Нема докази. Ова е смешно. Пресудата требаше да падне. Ова е уште една претства. Тука се моите адвокати, ако дојдат по мене, јас ќе одам. Тоа е бесмислено. Тоа се лаги, една до друга. Јас сум подготвен на се и ќе ја докажам мојата невиност, изјави Санадер, додавајќи дека поранешниот министер за регионален развој Петар Чобанковиќ за време на судењето одговарал според белешки во согласност со Обвинителството.
Адвокатката на Санадер, Јадранка Слоковиќ, пред доаѓањето на полицијата, изјави дека одлуката на Врховниот суд ја дознале од медиумите и дека службено „не добиле никаков документ“.
Врховниот суд во Загреб завчера правосилно го осуди Санадер на 4,5 години затвор поради кривично дело примање и давање мито во случајот „Планинска“, а денеска му ја зголеми казната на повеќе од пет години.
Санадер е осуден поради 17 милиони куни (околу 2.288.386 евра) што ги побарал и примил од Стјепан Фиолиќ, чија фирма ја продаде зградата на Министерството за регионален развој во загребската „Планинска улица“.
На една година условно е осуден Младен Млинаревиќ, чија фирма ја зголемила вредноста на зградата, како и Фиолиќ, кој ја призна вината.
Заменичката на главното државно обвинителство Тамара Лаптош тогаш рече дека е поднесена жалба за Санадер и Млинаревиќ.
– Сметаме дека во овој случај се работи за еден од најтешките облици на политичка корупција и дека изречените казни се преблаги, рече Млинаревиќ.