Задачата на таквата коалициска влада би била политички да завршат Втората светска војна и Татковинската војна, за конечно Хрватска да се сврти кон иднината и да почне да ги решава горливите проблеми како што е „демокалипсата“, односно демографската апокалипса, забележува поранешниот премиер Иво Санадер
Новата книга на поранешниот претседател на ХДЗ и премиер Иво Санадер „Време на политика – Голема коалиција“, која е претставена неделава, е посветена на можноста за формирање голема коалиција меѓу главните политички конкуренти во Хрватска. Во оваа втора книга од трилогијата на поранешниот хрватски премиер и наследник на Фрањо Туѓман, централна тема е политичка коалиција меѓу вечните ривали ХДЗ и СДП, која според авторот би била квантен скок за Хрватска.
Со големата коалиција би требало да завршат Втората светска војна и расправата за „петокраката“ и за поздравот „За дом спремни“. Иво Санадер не мисли дека оваа коалиција на најголемите хрватски партии би требало да се случи веднаш и тоа да ја остварат сегашните Андреј Пленковиќ и Давор Бернардиќ, но верува дека тоа мора еднаш да се случи. Задачата на таквата коалициска влада би била политички да завршат Втората светска војна и Татковинската војна, за конечно Хрватска да се сврти кон иднината и да почне да ги решава горливите проблеми како што е „демокалипсата“, односно демографската апокалипса.
Санадер предлага во хрватското собрание да се донесе декларација за ХДЗ и за СДП со која би се затвориле прашањата од минатото, но тоа, според него, не би значело големите злосторства од Втората светска војна да се стават под тепих, туку вистината за овие настани да им се препушти на историчарите, а за санкционирањето на сторителите да одлучуваат судовите, бидејќи таквите дела никогаш не застаруваат, објави порталот „Нови лист“.
– Конечно треба да се прекине со расправите дали е дозволен поздравот „За дом спремни“, како стар хрватски поздрав. Кога еднаш поздравот е дискредитиран не може повеќе да се употребува, а истото тоа се однесува и за петокраката – забележува авторот во својата книга.
Главниот уредник на „Вечерњи лист“, Дражен Клариќ, на промоцијата на книгата, потсети дека објавувањето на трилогијата „Време на политика“ („Доба политике“) почна поради специфичната позиција на авторот, а првата негова книга беше посветена на „детуѓманизацијата“. Во најновата книга Санадер образложува зошто во 2003 година не било време за голема коалиција, но се потсетува на неговите размисли во 2007 година да формираат коалиција со Ивица Рачан, лидерот на хрватските социјалдемократи, за кого имал целосно почитување и добра соработка пред влегувањето на Хрватска во НАТО и во Европската Унија.
Клариќ смета дека сегашната состојба во Хрватска дозволува да се размислува за политичка коалиција меѓу ХДЗ и СДП, со што би се симнал баучот од формирање голема коалициска влада, која би била насочена кон реформи. Со ова би се отворил и простор за дејствување на помали политички партии и нивно подобро политичко профилирање.
Поранешниот претседател на хрватското собрание, Лука Бебиќ, оценува дека ваквата коалиција ќе биде добредојдена за хрватската јавност. Имено, ХДЗ се позиционира на страната на десниот центар, а СДП на левиот центар, значи тоа е просторот на кој политички припаѓаат 70-80 отсто од гласачите во Хрватска.
– Треба да се движиме во духот на времето и да се антиципираат настаните и да се најдат најдобрите решенија за Хрватска. Потребно е да ги надминеме сопствените сенки за иднината на Хрватска – забележа Бебиќ.
Новинарот Горан Геровац вели дека Санадер се излизга во политиката и за тоа се радуваат многу сегашни политичари.
– Санадер говори за неопходноста од голема коалиција и изнесува аргументи со кои книгата претставува нужна литература за оние што со предрасуди гледаат на таквата коалиција – изјави Геровац.
Иво Санадер по смртта на првиот хрватски претседател по распадот на СФРЈ Фрањо Туѓман, го презеде кормилото во хрватската политика. Но под големиот притисок на меѓународната заедница мораше да се повлече од премиерската функција и беше осомничен за корупција.
Санадер го повтори својот став дека нема да се враќа во политиката, но ќе продолжи да пишува за неа, затоа што се очекува тоа од него како активен учесник во зачленување на Хрватска во НАТО и во ЕУ.
– Не мислам дека имам право на апсолутната вистина. Се надевам оваа книга ќе биде мал поттик за аргументирана расправа за формирање голема коалиција. Аргументите што ги изнесувам во книгата се силни, но подготвен сум да ги слушнам и противаргументите – изјави Санадер.
Тој посочува на позитивните примери на големи коалиции, кои успеале во некои европски земји како Германија, Луксембург и Австрија, во која со интервали таквата коалиција траела 40 години. Но има и земји како Италија во кои големата коалиција не дала резултати.
– Зошто не би успеала и Хрватска, на пример да го направи тоа во 2020 година. Верувам дека никој од таа коалиција нема да го изгуби својот политички идентитет – заклучува Санадер.
Последната негова книга од трилогијата „Време на политика“ би требало да биде објавена следната пролет, која ќе биде поинтригантна од претходните две, пренесува „Нови лист“.