Единствената опција за раселените е подобрување на условите за живот во Србија

Србија

Одреден вид помош им е потребна на 68.500 интерно раселени лица, од вкупно 199 илјади раселени од Косово

Во Србија, според најновите податоци, живеат 199.584 интерно раселени лица од Косово, од нив 68 илјади сѐ уште имаат одредени неостварени економски, социјални и имотни потреби. Истражувањето што е направено неодамна покажало дека само седум отсто од интерно раселените лица размислуваат за враќање во местото на потеклото, а главниот предуслов е обезбедување безбеден живот и враќање на узурпираниот имот. На ова истражување работеше Комесаријатот за бегалци и миграција во Србија во соработка со УНХЦР, пренесе „Данас“.

Околу 16.644 раселени семејства се соочуваат со голем број проблеми, како што се сместувањето и вработувањето. Мнозинството раселени лица се Срби, со 76 отсто, додека Ромите се околу 15 проценти, другите се Црногорци, Бошњаци и Горанци. Најголемиот дел од нив се отселени во градските средини во Западна Србија и Шумадија, а помалку во Војводина.
Светлана Велимировиќ, заменик-комесарка за бегалци и миграција во Србија, изјави дека одреден вид помош им е потребна на 68.500 интерно раселени лица, од вкупно 199 илјади раселени.

– Оваа поддршка не се однесува само на остварување на некое право туку им е потребен поголем облик на поддршка за да можат да имаат достоинствен живот, односно да имаа минимални стандарди за живот во Србија – вели таа.
Истражувањето покажало дека помалку од десет отсто од раселените поседуваат објекти во кои живеат, додека повеќе од половината се потстанари или живеат кај роднини и пријатели. Просечната старост на раселените лица е 39 години, додека повеќе од 73 отсто од домаќинствата имаат вкупни просечна месечни приходи помалку од 300 евра.

Високата стапка на невработеност кај оваа категорија граѓани е главниот показател за нивниот неповолен статус, нагласува Наташа Милановиќ од Комесаријатот за бегалци и миграција.

– Речиси една третина од нив немаат постојано вработување, иако тие се во работоспособна возраст од 19 до 59 години. Најчест приход за егзистенција е платата, потоа надоместот за невработени, а потоа е пензијата – вели Милановиќ.
На половината од нив имотот на Косово им е целосно уништен. Загрижува тоа што со сѐ подолгиот бегалски стаж, нивната желба за враќање на местото на нивното потекло е сѐ помала.

Според зборовите на Аниќ Чурко, интерно раселените лица во Србија не можат да избираат интеграција или враќање, туку нивната единствена опција им е подобрување на условите за живот во Србија додека не се создадат некои подобри услови за тие да се вратат во својот дом, по две децении од нивното отселување од Косово.
За решавање на станбеното прашање на раселените лица се потребни 285 милиони евра, покажуваат процените направени во ова истражување.