На дводневниот самит со кој се одбележуваат шест децении на Движењето на неврзаните, одржан во Белград, присуствуваа делегации од над 105 држави, но тој не донесе никакви политички одлуки, а беа забележливи напорите на организаторот за настанот да наликува на протоколот од времето на поранешна СФР Југославија, пишува „Дојче веле“ на српски јазик.
– На собирот се зборуваше за вакцинацијата, климатските промени, борбата против тероризмот, но тој сепак е сметан за носталгично потсетување на обидите за создавање на праведен мултиполарен свет во времето на блоковските поделби – се наведува во анализата на германскиот јавен сервис.
Српските аналитичари забележаа и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со своите регионални иницијативи се обидува да се наметне како лидер на Балканот, а честопати се нагласува и оти тој се обидува да биде „новиот Тито“, со што Движењето на неврзаните совршено се вклопува во таквиот имиџ.
Големо внимание привлече и присуството на Русија на самитот, која во улога на набљудувач ја застапуваше министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. А во рамки на белградскиот саем каде што се одржува самитот, организиран е и Меѓународниот саем на вооружување и војна опрема „Партнер 2021“.