Нов член на американска екипа што ќе дејствува на регионот на Балканот е Кристофер Хил, кој е именуван за нов амбасадор на САД во Србија. Тој важи за добар познавач на состојбите на Балканот и се очекува со својата активност да придонесе за стабилизирање на односите во регионот
Вашингтонска тројка ќе работи на стабилизирање на Балканот
Американскиот претседател Џо Бајден продолжува да ја засилува дипломатската мисија во земјите од Западен Балкан, за да ја засили позицијата на САД, по разнишаната доверба во евроатлантските процеси, што се јави по застојот во процесот на проширување на Европската Унија. Нов член на американска екипа што ќе дејствува на регионот на Балканот е Кристофер Хил, кој е именуван за нов амбасадор на САД во Србија. Тој важи за добар познавач на состојбите на Балканот и се очекува со својата активност да придонесе за стабилизирање на односите во регионот. Се очекува тој да биде главниот координатор на „вашингтонската тројка“ на дипломати, заедно со Метју Палмер и Габриел Ескобар, кои се ангажирани од неодамна – едниот ќе работи на изборната реформа во БиХ, а другиот како специјален претставник на САД за Западен Балкан.
Нивната задача ќе биде да се соочат со многуте предизвици во регионот, ако се имаат предвид влошените односи меѓу Белград и Приштина, внатрешните превирања во Црна Гора, безизлезната состојба во Босна и Херцеговина, како и блокирањето на процесот на проширување на ЕУ и бесмислените барања на Бугарија во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија. Како поранешен американски амбасадор во Македонија и Албанија, Хил може полесно да дејствува на наоѓање компромисни решенија, за што ќе му помогне и искуството, како претставник во групата на САД, со чии дипломатски напори на крајот се финализираа преговорите за Косово во Рамбуе. Исто така, беше член и на преговарачкиот тим чии напори доведоа до Дејтонскиот мировен договор за БиХ. Ричард Холбрук, кој важеше за булдожер-дипломат, а кој беше и главен американски преговарач во текот на мировните преговори во Дејтон, со кој заврши и војната во Босна и Херцеговина, го опиша Хил како „брилијантен, бестрашен и полемички настроен“. Во неговата дипломатска и политичка кариера е напишано дека учествувал во повеќе мировни преговори, за што има добивано и награди.
Кристофер Хил доаѓа во Србија со две конкретни задачи, пишуваат белградските медиуми, кои со големо внимание ја проследија информацијата за одлуката на Белата куќа. Првата цел ќе му биде намалување на влијанието на Русија и Кина, а втората задача е да се реши косовскиот проблем
– Кристофер Хил е еден од петте најдобри американски дипломати во последните 20 години. Тоа што го враќаат од пензијата во дипломатската служба во Србија не е случајно. Тој сигурно нема да биде статист – вели неименуван соговорник од дипломатските кругови во изјава за весникот „Блиц“.
Драган Шутановац, претседател на Советот за стратегиски политики, вели дека именувањето на Хил е повеќе од јасна пораката од Белата куќа, дека САД се исклучително заинтересирани за Србија и за целиот регион.
– Станува збор за дипломат со големо искуство, кое ќе биде искористено за зацврстување на врските меѓу Србија и САД. Тој има и една предност, имено има лични односи со претседателот на САД, Бајден, со што неговото влијание за можно решавање за косовското прашање станува поголемо. Во исто време и искусни службеници од Стејт департментот, како што се Палмер и Ескобар, се поставени на важни места и заедно со Хил координирано ќе работат на решавање на проблемите во целиот регион. Пораката е јасна, Белата куќа сака квалитетни односи и стабилен регион и ќе испрати и силна поддршка за натамошна интеграција во ЕУ – вели Шутановац.
Александар Попов од центарот за регионализам смета дека ова може да биде пресвртна точка во односите со САД кон целиот регион.
– Косово и Босна и Херцеговина се неговите главни задачи, а заедно со Европската Унија, која досега дејствуваше немоќно, може да се придвижат процесите што ќе ги решаваат кризните жаришта – вели Попов.
Кадровските промени во американската амбасада во Белград се совпаднаа со изјавите на Мирослав Додик, српскиот член во претседателството на Босна и Херцеговина, за тоа дека „Република Српска има намера да се бори за своите цели со политички средства, но дека е подготвена и за оружени конфликти доколку е потребно и дека ќе побара помош од ‘пријатели’“.
За време на состанокот во Белград минатата недела, Додик побара од рускиот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, воена помош во случај на оружен конфликт во БиХ во блиска иднина, објави босанско-херцеговскиот портал Истрага.ба, повикувајќи се на информациите на безбедносните агенции во БиХ.
Од друга страна, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, разговарал телефонски со српскиот претседател и со косовскиот премиер и побарал да се одржи нова рунда преговори во рамките на бриселскиот дијалог за да се надминат тензиите. ЕУ сака да види нова рунда на дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, под медијаторство на Унијата, соопштија од прес-службите на Унијата.