Амбасадорот во заминување на САД во Косово, Грег Делави, изјави дека Вашингтон продолжува да бара договорот меѓу Приштина и Косово да произлезе од преговарачките страни, но тоа не значи дека ќе прифати сѐ што ќе дојде од претседателите Хашим Тачи и Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Ние не рековме дека ќе прифатиме сѐ. Ние рековме дека ќе го разгледаме постигнатиот договор и дека ќе ги изнесеме нашите забелешки доколку ги имаме – истакна Делави во интервјуто за денешниот број на весникот „Коха диторе“, на крајот на неговиот тригодишен мандат во Приштина.
Тој порача дека „решението треба да биде трајно, прифатено од граѓаните на двете земји и треба да придонесе за стабилноста на регионот, а не да биде на штета на таа стабилност“.
Американскиот дипломат забележува дека на актуелниот процес на дијалогот меѓу Приштина и Белград му недостига демократски легитимитет.
– Мислам дека е работа на Собранието да обезбеди демократски легитимитет. Собранието, за жал, не беше во можност да обезбеди 61 глас за ништо што е поврзано со дијалогот – изјави Делави, нагласувајќи дека „секое решение што ќе произлезе од дијалогот а што нема некаков легитимитет ќе биде тешко да се прифати“.