Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека мали се шансите за брзо продолжување на преговорите посредувани од Европската Унија со Косово за царинските такси од 100 отсто на српски производи. Во истиот момент, САД и Русија ѝ се додворуваат на Србија во борбата за влијание на Балканот, објави „Ајриш тајмс“.
Вучиќ отпатува во Њујорк и се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, додека во истиот момент Вашингтон и ЕУ ги повикаа Косово и Србија да направат компромиси со кои би се надминале нарушените односи меѓу двете страни во спорот.
Освен повиците на Помпео за нормализирање на односите, Германија Франција, Велика Британија и Италија заеднички го повикаа Косово да ги укине 100 отстотните такси, а го повикаа и Белград да запре со лобирањето кај земјите во светот да го укинат признавањето на независност на Косово од 2008 година.
Русија е еден од најсилните поддржувачи на позицијата на Србија, и додека Белград се соочува со проблеми во пристапувањето во ЕУ, Москва ги засилува односите со еден од последните сојузници на Балканскиот Полуостров.
Србија е единствената земја на Балканот која не е членка или е на пат да стане членка на НАТО, а Русија честопати на српската армија и доставува тенкови, авиони и хеликоптери. Руската армија на северниот сосед му подари 10 оклопни воени возила БРДМ-2 како дел од билатералната спогодба за засилување на српските воени сили.