Американската амбасада на Косово ги предупредува своите граѓани на зголемен ризик од терористички напад во Косово, особено за време на велигденските празници.
-Американските државјани треба да бидат внимателни за време на настаните поврзани со прославувањето на православниот и католичкиот Велигден – се наведува во сајтот на Амбасадата на САД во приштина.
Во предупредувањето од амбасадата се нагласува дека екстермистите ќе продолжат да се фокусираат на туристичките локации, трговските центри, барови, верски објекти и други атрактивни објекти.
На Американците кои доаѓаат на Косово или веќе се таму им се советува да не се истакнуваат во јавност и да не привлекуваат внимание, да ја променат рутата на двужење за да останат незабележани од криминалците и терористите, а кога се на јавно место да обратат внимание на излезите во случај на опасност и службите за безбедност.
Амбасадата на САД советува да се избегнуваат јавни собири и демонстрации и да бидат внимателни на туристичките локации. Тие треба да ги следат локалните медиуми и да внимаваат на инструкциите на Американската амбасада или најблискиот конзулат.
Предупредувањето е издадено во средата, два дена по ескалацијата на ситуацијата на Косово, кога беше уапсен српскиот директор на канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, на Косовска Митровица. Ѓуриќ беше приведен и потоа протеран во Белград во понеделникот напладне, а за време на акцијата беа уапсени и повредени повеќе од 30 Срби.