Косово

Белата куќа ги повика Белград и Приштина да ја остават настрана екстремистичката реторика и да работат на договор што се фокусира на заемно признавање.
– Приштина и Белград мора да ги удвојат напорите кон сеопфатен договор фокусиран на заемно признавање и неодложно да ги отстранат пречките кои го попречуваат напредокот – изјави портпаролот на Белата куќа по повод 20 години од влегувањето на НАТО на Косово.

Портпаролот на Белата куќа истакна дека единствениот пат кон подобра иднина е „соседски дијалог“ за нормализација на односите, кој ќе го отвори патот на Белград и Приштина кон евроатлантската заедница.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека во последните пет години не дал ниедна екстремистичка изјава и додаде дека паушални коментари не го интересираат.
Со низа манифестации, вчера во Приштина се одбележа дваесетгодишнината од влегувањето на НАТО-силите на Косово. На нив учествуваа и поранешниот американски претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт.

Во рамките на прославите, Косово му искажа голема чест на поранешниот американски претседател Бил Клинтон за трасирање на патот на независноста на таа земја од Србија.
Косовскиот претседател Хашим Тачи му додели на Клинтон „орден на слободата“ за неговата улога за време и по војната на Косово со Србија во 1998/99 година.
Клинтон, кој заедно со неговата тогашна државна секретарка Медлин Олбрајт и други високи светски политичари е на Косово, во чест на 20-годишнината од распоредувањето на војниците на НАТО, оцени дека Косово е пример за демократија и оти заслужува членство во ЕУ и во НАТО.

Конфликтот на Косово заврши по 78-дневното НАТО-бомбардирање против повеќе воени и цивилни објекти во Србија. За време на конфликтот загинаа повеќе од 10.000 луѓе, а 1.650 сѐ уште се водат за исчезнати.