Русија е загрижена поради обидите да се користи „антируска карта“ на парламентарните избори во Црна Гора, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
– Многу сме загрижени поради ситуацијата во Црна Гора непосредно пред изборите за парламент на 30 август. Водејќи се од своите себични, политички и изборни интереси, највисоки црногорски функционери користат конфронтирачки арсенал и свесно поттикнуваат тензии – се наведува во соопштението, пренесува Тасс.
Како што се наведува, црногорските политичари не се ограничуваат само на напади на домашните ривали, туку повторно ја користат „антируската карта“.
– Москва е обвинета, однапред и без никаква основа, дека настојува да влијае на судирот меѓу црногорските власти и Српската православна црква за да ги оствари своите „империјални амбиции“ на Балканот – се наведува во соопштението.
Министерството потсетува на, како што велат, неоснованите обвинувања за обидот за наводен државен удар во 2016 година.
Министерството изразува жалење дека во Црна Гора станало рутинска навика да се поттикнува антируско расположение непосредно пред големи политички настани и дека Русија се претставува како непријател.