Косово
Премиерот на Косово, Албин Курти, во изјава за косовските медиуми кажа дека Владата во Приштина, на чие чело е тој, се „подготвува да воспостави целосен реципроцитет со Србија“. Според него, таквата политика е неопходна бидејќи Србија не сака реципроцитетно да ги решава другите меѓусебни отворени прашања што се важни за конечен договор меѓу двете страни во Брисел.
– Добро сме подготвени за да нема неуспех кога ќе воспоставиме целосен реципроцитет. Во моментов имаме реципроцитет за регистарските таблички, но ќе го примениме и на други области. Битката продолжува, ќе примениме реципроцитет, но не можеме сè одеднаш – кажа косовскиот премиер.
Курти го потенцира уверувањето дека ќе биде воспоставен целосен реципроцитет, но додаде и дека косовската влада мора да спроведе стратегии што реципроцитетот ќе го направат применлив. Тој во исто време негираше дека му била ускратена визата за САД, по објавите во медиумите, и додаде дека неговиот кабинет подготвува посета на таа земја за следната година.
Во меѓувреме, некои српски медиуми коментираат дека ваквите политики на косовскиот премиер може повторно да ги вжештат односите меѓу Белград и Приштина.