Земјите од регионот во последната година вложуваат значителни средства за обновување на сопствените војски, а во оваа „трка“ се вклучи и војската на Косово, која е во преговори за набавка на артилериско и пешадиско оружје од германско потекло
Приштинските власти со месеци преговараат со германските разузнавачки служби за набавка на топови и противоклопни ракетни системи за војската на Косово, а во фокусот им е дополнувањето со артилериско оружје и современо пешадиско оружје. Извори на „Спутник“ наведуваат дека косовската влада ѝ исплатила на Германија околу 170 милиони евра за купување оружје и опрема и за обука на припадниците на косовските безбедносни служби. Во тек се преговори за набавка на нови германски автоматски пушки „Г-36“ и на тенкови „леопард 2“. Со вооружувањето на Косово, Германија ги крши сопствените правила и закони, бидејќи со одредбата од 1971 година постои начелна забрана извоз на оружје во земјите што не се членки на НАТО, пренесуваат српските медиуми.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, коментирајќи ја информацијата за германско-косовската воена соработка, рече дека нешто чудно се случува во регионот, во кој, според него, сите се вооружуваат.
– Се надевам дека нашите германски партнери нема да го направат тоа, но постои неизвесност за иднината и сите земји од регионот се вооружуваат со неверојатна брзина – изјави Вучиќ за РТС.
Претседателот на Србија предупреди на зголемената неизвесност и несигурност во регионот, особено по најавите за САД за можноста да ја напуштат воената база Бондстил на Косово, што остава простор за некои партнери на НАТО да вложат повеќе во косовската војска. Вучиќ потсети дека Србија пред неколку години не можеше да ги набави германските пушки, што беше причина да се определи за набавка од Белгија.
Воениот аналитичар Митар Ковач, во изјава за „Спутник“, вели дека нема ништо невообичаено во однесувањето на Германија, затоа што нејзиниот политички став кон Косово е познат од порано.
– Германија не сака каков било компромис, односно сака да ја задржи целината на Косово како независна држава. Во таа смисла, може да се разбере настојувањето на Германија да ја зајакне војската на лажната држава, а тоа го прави преку обука на војниците и со вооружување – вели Ковач.
Во изминатата година Србија и Хрватска значително вложија во обновувањето на сопствените воени авијации, што аналитичарите го сметаат како дел од трка во вооружувањето на земјите од регионот. Во тоа се вклучи и Бугарија, чија влада одобри набавка на осум борбени авиони „локид мартин“ од типот Ф-16В. Со реализацијата на оваа зделка, бугарската војска ќе има најсилно воено воздухопловство во регионот, а со набавката на овие летала таа го има решено прашањето на националниот воздушен простор во наредните три децении. Секоја држава што реално ги согледува и анализира безбедносните предизвици и закани, а особено во современите судири, посветува големо внимание на осовременувањето на сопствената авијација.
Со набавката на радарски и противвоздушен одбранбен систем се обезбедува и силна поддршка на копнената војска. Речиси сите земји на Балканот, со исклучок на Романија и на Грција, се слабо опремени со воена авијација и затоа сега се одлучуваат за набавки на нови летала и опрема, сметаат воените експерти.
Според прегледите за воената опременост, кон крајот на 2019 година во ниедна од земјите во Западен Балкан не се остварени пропишаните „безбедносни“ лимити. На пример, Србија и Хрватска според бројот на тенкови имаат пополнетост од 50 отсто, додека Босна и Херцеговина во овој поглед е најдобро рангирана, со 79, 3 отсто, објави „Ал џезира“.
Борис Калноки, дописникот од Будимпешта, во својата анализа во весникот „Велт“ пишува за „општото вооружување на Источна и Централна Европа, особено на новите членки на ЕУ, кои забрзано го модернизираат својот безнадежно застарен арсенал од времето на Советска Русија“. Но, како што заклучува тој, едно е сигурно – колку повеќе актери се вооружуваат, толку се поопасни политичките конфликти во регионот.