Мажите во Босна и Херцеговина најмногу се зависни од спортското обложување, а жените претпочитаат да играат бинго
Во Босна и Херцеговина продолжува трендот на зголемување на бројот на зависници од коцкање, а причината за тоа е што во оваа земја има најмногу обложувачници во Европа споредено според бројот на жители. БиХ е на прво место во балканскиот регион според бројот на лица што играат игри на среќа. Но во последно време има сѐ повеќе жени што се зависни од коцкање, изјави Марко Ромиќ, директор на Клубот на лекувани зависници од коцка во Мостар.
– Имавме случај на една старица на возраст од 75 години, која целата своја пензија, стекната во странство, ја трошеше на бинго. Таа во еден ден ја потроши целата своја пензија, која изнесува околу 1.500 конвертибилни марки (околу 750 евра). Кога се соочи со проблемот со зависноста, почна да размислува и за самоубиство – изјави Ромиќ.
Во многу случаи зависниците од коцка трошат пари што не ги заработиле, односно тоа се средства на државни и приватни фирми. Имало и случаи кога парите ги позајмувале од лихвари, кои за да го наплатат долгот привремено им ги одземале децата. Меѓу зависниците има граѓани што се во добра материјална состојба, како и лекари, инженери…, пишува „Вечерње новости“.
– Многу од нив се заразиле со коцкањето поради љубопитност и почетничка среќа, а некои од нив продолжуваат со коцкањето додека не го допрат дното. Најголеми жртви на оваа зависност се нивните семејства, а единствениот излез е должниците да им да го распродадат имотот, некои помислуваат и на самоубиство – вели Ромиќ.
Мажите во Босна и Херцеговина најмногу се зависни од спортско обложување, трки, апарати и рулети, а жените повеќе претпочитаат да играат бинго.