Албанскиот премиер Еди Рама ќе ја извршува и функцијата шеф на дипломатијата до назначувањето нов министер за Европа и надворешни работи на Албанија.
– Претседателот Илир Мета не ја потпиша уредбата за назначување нов министер за Европа и надворешни работи во уставниот рок. По последователното кршење на Уставот, ќе се соочиме во новиот уставен суд. До тој ден, кој ќе биде набргу, ќе бидам де јуре во оваа улога, бидејќи немаме време за губење по барање на претседателот – напиша Рама на Твитер.
Албанскиот претседател Мета не ја потпиша уредбата по доставениот предлог на Рама за реконструкција на Владата, со кој на местото на досегашниот шеф на дипломатијата Дитмир Бушати го предлага Косовецот Гент Цакај, со образложение дека Цакај го нема потребното дипломатско искуство за оваа значајна функција и оти е човек што ја поддржува идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија.
Албанија речиси една година нема уставен суд поради спроведувањето на проверката на потеклото на имотот, при што од девет члена, во судот се останати само двајца.
Уште една жртва од студот
Минусните температури и снегот однесоа уште една жртва во Албанија, јави дописникот на МИА.
Станува збор за 53-годишен жител на селото Горно Селце, кој е пронајден замрзнат во местото Проптиште кај Корча.
Тој пред два дена со магаре заминал во Проптиште по набавка на прехранбени артикли за семејството, но не се вратил. Откако магарето се вратило без сопственикот, блиските и соселаните тргнале да го побараат и го пронашле неговото тело.
Ова подрачје со денови е под дебела снежна покривка и со минусни температури, кои се движат до минус 21 степен Целзиусов.
Првата жртва на студот во Албанија годинава, исто така, беше регистрирана во подрачјето на Корча. На 5 јануари, како последица на студот, почина 58-годишен жител на селото Равоник.
Подрачјето на Корча секоја зима е погодено од големи снежни врнежи и сибирски температури, кои во просек одземаат по пет човечки животи.