Албанија
Владејачката социјалистичка партија на премиерот Еди Рама, која ја предводи изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“, официјално ја почнa изборната кампања за локалните избори закажани за 30 јуни.
Изборниот митинг се одржa во големата сала на Олимпискиот парк во Тирана, на кој се обрати лидерот на социјалистите, Рама, а ќе бидат претставени и кандидатите за градоначалници на 61 општина. Меѓу нив е и Македонецот Пали Колевски, кој ќе се трка за градоначалничката функција во општината Пустец. Во оваа општина негов противкандидат е Едмонд Темелко од Македонска алијанса за европска интеграција, кој ќе се обиде да ја добие довербата на жителите по четврти пат.
Поради бојкот на опозицијата на изборите, дури во 35 општини на гласачкото ливче за градоначалник има само по еден кандидат и тоа од владејачката коалиција.
Oбединетата опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, одбива дијалог и не се откажува од барањето за одложување на изборите, заминување на премиерот Рама и формирање преодна влада. Toj за вчеравечер го закажа седмиот „национален протест“, кој вообичаено почнува пред Владата во Тирана.
Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, коментирајќи го барањето на Холандија доставено до Брисел за укинување на безвизниот режим за албанските граѓани, директно за тоа го обвини премиерот Еди Рама.
Според него, по три позитивни препораки за почеток на преговорите, не само што на Албанија нема да ѝ се даде зелено светло, туку напротив, „ќе се редат горчливи вести како оваа денешната“.