Албанскиот премиер, Еди Рама, изјави дека политичарите во Приштина, спротивставувајќи се на заедничката иницијатива за создавање на балканскиот мини шенген, ја загрозуваат надворешната политика на Албанија, поради свои внатрешно-политички интереси, пренесува српски „Блиц“.
Рама за албанската телевизија „Топ ченел“ изјави дека долго време му објаснувал на Албин Курти, лидерот на Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, во што се состои значењето на процесот мини шенген и порача оти би бил многу изненаден доколку тој не го разбира тоа, затоа што, како што кажа Рама, Курти е доволно интелигентен.
– Ако тој се преправа дека разбира или не разбира, тоа е негов избор, но се чини дека надворешната политика со Албанија ја користи за внатрешна политика. Не верувам дека ова е најдобро, ќе имаме време да разговараме и да ги продлабочиме дискусиите – истакна Рама.
Коментирајќи ја изјавата на Курти за отворање на границите меѓу Албанија и Косово, албанскиот премиер рекол дека такво нешто не може да се направи без согласност на Србија.
– Ако Курти сака да отвори граници, тогаш мора да има согласност од сите држави -рече Рама.