Албанскиот премиер Еди Рама на членовите на комисија за економија на Парламентот на Албанија, им вери дека по затворањето на обложувалниците на 31 декември во земјата нема да има никаков „онлајн монопол“.
– Почнаа да Ви испраќаат река од пораки преку телефони против затворањето на обложувалниците! Тие се диригирани од оние кои се во затворите и оние кои се затскриваат зад компаниите, затоа немојте да го заморувате умот и немојте да ги слушате клеветите за „онлајн монопол“, бидејќи нема да има никаков вид монопол, им порача Рама на членовите на Комисијата, која треба да распарава по Предлог-измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа.
Претходно, Рама на Твитер напиша дека со завршување на оваа календарска година ќе „умрат казината, обложувалниците, како и онлајн обложувањата“ .
Тој пред пет дена најави дека ќе бидат затворени сите казина, обложувалници и лотарии на главните улици во градовите и тие ќе бидат дислоцирани надвор од населените места, бидејќи, како што рече, „оваа појава не оди во прилог на народот и државата“.
Казината ќе биде достапни само во хотели со пет ѕвездички, кои се наоѓаат надвор од градовите.
Рама во исто време побара од медиумите во земјата да престанат со рекламирање на обложувањето или во спротивно ќе бидат присилно затворени.
Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувалници и лотарии. Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани годишно трошат по 46 евра, што е многу повисок износ споредено со земјите во регионот.