Албанија го охрабрува постигнувањето финален договор меѓу Белград и Приштина, што ќе го поддржат и САД и ЕУ, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
– Мојот став е дека конечен договор меѓу Србија и Косово, кој ќе резултира со признавање на Косово и негово конечно одделување од историјата со Србија, признаен и гарантиран од САД и од Европска Унија, е договорот што ние го сакаме – изјави Рама гостувајќи на косовска телевизиска емисија.
Според „Зери онлајн“, Рама притоа нагласил дека постигнувањето договор меѓу Белград и Приштина за регулирање на меѓусебните односи, ќе овозможи потоа и обединување на Албанија и Косово.
Поради царините, Харадинај без американска виза
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај не добил американска виза и нема да може да учествува во работата на една конференција за Балканот на почетокот на февруари. Харадинај претходно добил покана за учество во работата на конференцијата што ќе се одржи на 6 февруари, објави Ал џезира Балканс.
Меѓутоа, извор од Стејт департментот потврдил дека косовскиот премиер на добил влезна виза поради воведувањето стоотстотни царини на стоката од Србија и од Босна и Херцеговина.
Се наведува дека отсуството на Харадинај за Ал џезира го потврдил и еден од организаторите.
Претходно Советот за национална безбедност на САД и Стејт департментот усвоиле документ со осум точки, во кој од Владата во Приштина се бара веднаш да ги укине царините или, во спротивно, Вашингтон ќе ѝ воведе санкции на Приштина.
Харадинај одговори дека Приштина ќе ги укине царините откако ќе добие меѓународни гаранции дека финалниот договор со Белград ќе резултира, како што кажа, со заемно признавање.