Премиерот Еди Рама, експресно, преку социјалните мрежи, реагираше на обвинувањата на опозицијата во врска со криминалот во северниот град Скадар наведувајќи дека полицската статистика јасно говори за залагањето на власта во сузбивањето на криминалот во земјата.
Според него не вреди да се занимаваш со зборовите на некого кој бега од Парламентот „за да од град во град води политика со криминалот“.
– Вистината на бројките за криминалот и резултатите на полицијата во изминатите години во Скадар јасно говорат. Денеска државната полиција повторно зборуваше со дела. Не вреди да се занимаваш со зборовите на некого кој бега од Собранието за да води политика со криминалот од град во град -напиша Рама.
Претходно лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската, Љуљзим Баша, од Елбасан каде средба одржаа пратениците од здружената опозиција, бојкотирајќи ја седницата на законодавниот дом, обвини дека Албанија ја дестабилизира криминалот, бидејќи тој владее со неа.
Баша додаде дека премиерот Рама им ја предал контролата во земјата на криминалците и нивните соработници,како што е министерот за внатрешни работи Фатмир Џафај.
Посочи дека и покрај информациите за наводна успешна акција во Скадар, Рама и понатаму „ќе ги остави на мира криминалните семејства во овој град, идентично како оние во Елбасан, кој е симбол на поврзаноста на власта и криминалот“.