Одбраната на поранешниот премиер Иво Санадер побара укинување на притворот и негово пуштање од истражниот затвор, каде заврши откако Врховниот суд на почетокот на април, му ја зголеми казната за аферата „Планинска“. Судот одлуката треба да ја донесе утре.
Како главен аргумент за ослободување од притвор, одбраната го наведува тоа што Санадер не добил образложение на одлуката врз основа на која тој заврши во притвор. Портпаролот на Загребскиот жупански суд, Крешимир Девчиќ, изјави дека одбраната го смета за спорно тоа што решението на одредување на истражен затвор е воопштено, поради што е прекршено правото на образложна одлука.
– Во решението се вели дека Санадер е осуден на казна затвор во траење подолго од пет години, а одбраната наведува дека тие не знаат колкава е казната и која е одлуката на којашто се повикува решението – вели Девчиќ.
Санадер е во затвор од 4 април. Врховниот суд претходно го заврши тридневното разгледување на жалбите против првостепената пресуда во аферата „Планинска“, со која Санадер беше осуден на четири и пол години затвор, а треба да врати и 15 милиони куни.
Според неофицијални информации, Врховниот суд ја зголемил казната на шест години, но тоа официјално ќе биде познато само кога ќе биде напишана конечната одлука на Врховниот суд и ќе биде доставена до странките во постапката.