Влијанието на десницата не смее да се потцени, таа, секако, ќе работи на одредени удари и ќе работи на одвраќање на гласачите од сегашната претседателка, која најавува кандидатура за втор мандат
Може ли радикалната десница во Хрватска да ја загрози Колинда Грабар-Китаровиќ во обидот за вториот мандат за претседател, особено што од десничарките кругови најавуваат дека ќе настапат со сопствен кандидат, кој, според нивните процени, би освоил 15 отсто од гласовите. Ова е главната теза во анализата на „Јутарњи лист“, која се осврнува на актуелните политички случувања во Хрватска во пресрет на претседателските избори, кои ќе се спроведат по една година.
Десницата, а особено ХДЗ (која е владејачка партија), нема ниеден кандидат што би можел да ја победи Колинда Грабар-Китаровиќ на изборите. Единствена нејзина сериозна конкуренција е евентуалниот кандидат од левицата, а тоа е Зоран Милановиќ, поранешниот хрватски премиер. Сите други сценарија се само фрлање прав и магла, тврди еден искусен политичар со конзервативни политички уверувања.
– Кој е тој кандидат што, спротивно на волјата на ХДЗ, би се впуштил во битка за која однапред знае дека може да ја изгуби – е коментарот на соговорникот на „Јутарњи лист“.
Кризата во односите на релацијата меѓу претседателка на Хрватска и десницата не е без основа. Тие се заладија откако таа го покани српскиот претседател Александар Вучиќ, кој наводно ја замолил, во своите политички настапи да не ја користи синтагмата „великосрпска окупација“. Во меѓувреме, Колинда Грабар-Китаровиќ радикално го менува својот политички правец и се приближува кон шефот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, по што прекинуваат и нејзините јавни и остри критики на работата на актуелната влада. Разидувањето со десното крило во ХДЗ кулминира со разрешувањето на советникот за внатрешна политика Мате Радељиќ и со нејзината минатонеделна изјава на прес-конференција, кога се откажа од усташкиот поздрав „За дом спремни“, за што рече дека тој е компромитиран, неприфатлив и не претставува историски хрватски поздрав.
Колку страничните удари оддесно навистина ќе ѝ наштетат на претседателката и дали тоа е организирана акција или е само лична пресметка на поединци со Грабар-Китаровиќ? Високопозициониран функционер во ХДЗ, кој ја поддржува новата реторика на претседателката на Хрватска, не гледа голема пречка за одвојување на уште еден мандат.
– Десницата не смее да се потцени, таа секако ќе работи на одредени удари и ќе работи на одвраќање на гласачите од сегашната претседателка. Но не верувам дека ќе им успее тоа. На спротивната страна се различни структури, кои се идеолошки против Грабар-Китаровиќ. Тешко е дека тие гласови ќе одат на контото на кандидатите од другите политички партии. Во вториот круг некои од избирачите од десницата нема да гласаат, а некои ќе се приклонат кон кандидатот на ХДЗ – вели соговорникот на „Јутарњи лист“.
Во кругот близок на Велимир Бујанец, од каде што доаѓаат и најсилните напади кон Грабар-Китаровиќ, велат дека претседателката повеќе не е во фокусот на нивните интереси.
– Таа го покажа своето лице. Ние ќе имаме свој кандидат. Свесни сме дека нашиот кандидат нема да може да победи, но во првиот круг можеме да освоиме 15 отсто од гласовите. Со тоа, на некои ќе им ги заплеткаме конците. Во вториот круг нема да гласаме ако влезат Грабар-Китаровиќ и Милановиќ. И двајцата имаат ист став за поздравот „За дом спремни“ – вели соговорникот на „Јутарњи лист“.
Политичките аналитичари во Хрватска велат дека поголем проблем е што актуелната хрватска претседателка влегува во негативен тренд на нејзиниот политички рејтинг, кој е тешко да се поврати. Исто така, неизвесно е колку премиерот Пленковиќ посериозно ќе се ангажира да ѝ помогне во последната година од нејзиниот мандат.
Општата оцена е дека Колинда Грабар-Китаровиќ тешко ќе дојде до вториот мандат, а со сличен став се и политичарите од десницата, кои се од различни групации, што покажува длабока поделеност во десниот политички корпус во Хрватска.
Милановиќ е најсериозна опасност за претседателката
Актуелната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, се плаши од кандидатурата за претседателските избори од поранешниот лидер на левицата Зоран Милановиќ. Претседателката и Милановиќ зад себе имаат интересна меѓусебна политичка историја. Поранешниот премиер Милановиќ не ѝ честиташе по победата за претседателка на Хрватска, а нивниот однос подоцна се одвиваше на работ на инциденти. Милановиќ во своите изјави покажуваше дека Колинда не ја смета за дорасната политичка противничка, а често во протоколарните пригоди покажуваше и извесна доза непристојност, пишува „Вечерњи лист“.
Учеството на втор кандидат за претседател од редовите на десницата, покрај актуелната претседателка, не е исклучено да влијае на евентуалната победа на Зоран Милановиќ, кога тој би се одлучил да влезе во претседателската трка. Колинда Грабар-Китаровиќ беше поучена од своите советници да не се приближува кон владата на ХДЗ, а гласовите што ѝ недостигаат, од 10 до 15 отсто, да ги побара меѓу гласачите на Мост и Жив ѕид, кои се партии од центарот. Затоа, претседателката се обидува да се врати на политичкиот центар, но таа нема да ги придобие овие гласачи. Од кругови на ХДЗ може да се слушне и тоа дека дел од десницата повеќе би гласал за Милановиќ, за кој се говори дека е националист и патриот. За Колинда опасноста не доаѓа од десницата, туку таа сама за себе е најголема опасност со промовирањето на новата политика, која му оди во корист на Милановиќ, проценуваат политичките аналитичари во Хрватска, со кои се консултира „Вечерњи лист“.