Претседателот на Бугарија Румен Радев со декрет назначи привремена влада на Република Бугарија, а вршителот на должноста премиер ќе биде Стефан Јанев, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Дипломатот од кариера, Светлан Стоев, ќе биде министер во службената влада на Бугарија, која треба да раководи со земјата до новите избори на 11 јули. Името на Стоев, кој во моментов е амбасадор на Бугарија во Данска, им го соопштија на бугарските медиуми извори од кабинетот на претседателот Румен Радев, кој треба попладнево да го распушти парламентот и веднаш да ја именува службената влада.
Стоев, кој работи во бугарското министерство за надворешни работи од 1985 година, претходно бил и амбасадор во Германија и во Шведска.
Додека Радев го готви списокот на новите министри, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, прави чистки во неговата партија за да може да се претстави во подобро светло пред изборите во јули.