Дванаесетгодишната Моника Каримановиќ од селото Сув Дол во близина на Ниш, е пронајдена жива десет дена откако беше киднапирана од т.н. Малчански бербер, псевдоним под кој е познат педофилот Нинослав Јовановиќ, пренесува РТС.
Во големата потера беа вклучени 600 припадници на полицијата и на војската на Србија, кои со хеликоптери и со кучиња со денови трагаа по силувачот и киднапираното девојче. Се верува дека тој ја киднапирал Моника некаде во околината на Књажевац, додека таа одела на училиште.
Според истрагата, Јовановиќ и Моника неколкупати биле забележани од очевидци, а исто така биле пронајдени и нивни траги во провалените куќи во кои тој и неговата жртва престојувале.
Според српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, по Јовановиќ уште се трага. Се верува дека тој е во околината на Ниш и се очекува наскоро да биде фатен, пренесуваат српските медиуми.