Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Србија објави јавен повик за финансирање иновативни решенија што може да дадат одговор на последиците од пандемиската криза од ковид-19 во Македонија и во Албанија, како дел од официјалната развојна помош на Србија во рамките на иницијативата „мини-шенген“.
Целта на јавниот повик, како што е наведено во соопштението на УНДП, е да им се овозможи на јавните и приватните компании, како и на академските и истражувачките институции од Србија да им пренесат иновативни решенија на партнерските компании и организации во Македонија и во Албанија чија примена може да ги ублажи социоекономските последици од пандемијата и да придонесат за закрепнување на земјите од кризата.
Пандемијата на ковид-19 ќе има широко и далекосежно влијание врз здравјето и економската благосостојба на луѓето. За да може регионот на Западен Балкан да одговори на овие предизвици и да изгради отпорност на оваа и идните кризи, неопходен е заеднички одговор на повеќе земји – оценија од УНДП.
Јавниот повик е поведен како дел од проектот „Рамка за забрзување на постигнувањето на целите на одржлив развој“, финансиран од Владата на Србија, а го спроведува УНДП. Областите во кои тие можат да понудат решенија се: новите дигитални услуги, бесконтактните економски активности и „здравјето и благосостојбата“ на населението.