Тесната разлика и малиот одѕив на денот на гласањето во Бугарија доведоа до ситуација да не може да се формира силно парламентарно мнозинство, а аналитичарите веќе прогнозираат дека земјата ќе има нестабилна влада, што ќе доведе до нови брзи избори
Длабоката поделеност на населението во Бугарија, која подолго време се наоѓа во политичка и институционална криза, се потврди и на повторените парламентарни избори. Со пребројани над 95 насто од гласовите на изборите во Бугарија, на неделните избори за ГЕРБ гласале 622.590 лица, или 23,90 отсто. Партијата на ТВ-шоуменот Слави Трифонов, Има таков народ, заостанува со околу 6.500 гласа, односно 23,66 отсто. Тесната разлика и малиот одѕив на денот на гласањето доведоа до ситуација да не може да се формира стабилно парламентарно мнозинство, а аналитичарите веќе прогнозираат дека во Бугарија ќе има влада со тесно парламентарно мнозинство, што ќе доведе до брзи избори.
Неделното изјаснување на граѓаните ги исфрли на површина слабостите на изборниот процес во Бугарија, а годинава првпат беше спроведено и машинско гласање, што придонесе за помалиот одзив на гласачките места на постарите граѓани, кои беа и редовни гласачи. Привремената влада на таков начин се обиде да ги ограничи широкораспространетото купување гласови и заплашувањето на гласачите – одамна воспоставени практики на политичките партии во Бугарија. Како што информира во петокот министерот за внатрешни работи Бојко Рашков, повеќе од 900 лица се приведени за наводни обиди за поткуп на гласачи погодени од сиромаштија со 20-50 лева (10-25 евра), огревно дрво, па дури и основна храна, како брашно, леб или леќа.
– Спиралата на избори може да создаде чудовиште надвор од парламентот – такви партии и нивни незамисливи комбинации за кои сите ќе жалиме, но дотогаш ќе биде доцна – изјави професорот на Новиот бугарски универзитет Антони Тодоров, по објавувањето на првите изборни резултати.
Погодена од ланските масовни протести поради корупцијата, по изборите во април ГЕРБ не беше во можност да најде партии подготвени да владеат заедно со неа. Со слаб „коалициски потенцијал“ е и главната опозициска партија на Слафи Трифунов, кој во претходниот период се изјаснуваше дека е против коалицирање со партии што се оптоварени со корупциски скандали.
– Верувам дека ќе има влада, но верувам дека таа ќе има ограничен век на траење. Овие резултати не подразбираат широк мандат за стабилност – оценува Румијана Димитрова од Алфа рисрч, пренесе Радио Слободна Европа.
На еден ден пред изборниот молк, „Дојче веле“ објави текст во кој посочи дека овие избори требаше да бидат можност „Бугарија да премине од стабилократија, состојба во која доминира владеењето на личноста што е обележена со економска и надворешнополитичка стабилност, но и со корупција и злоупотреба на моќта, во состојба на владеење на реформска влада“.
– Во прашање е како може да се спроведе промена на власта по речиси дванаесетгодишното владеење на премиерот Борисов – забележува Весела Чернева, директорка на Европскиот совет за меѓународни односи во Софија.
Во предизборната кампања на политичките партии изостанаа вистинските теми што се од значење за животот на граѓаните, како што е неуспехот на процесот на вакцинација против коронавирусот, со што земјата е на крајот на листата на вакцинирани лица во Европската Унија. Фокусот беше насочен кон прашања како што се корупцијата и реформите на правосудството, а беше видливо отсуство на државен план за јакнење на економијата по пандемијата и за подобро искористување на европските фондови. На надворешнополитички план доминираше дискусијата за руското влијание во Бугарија, но и неизбежната тема за односите со Македонија, која беше наметната од бугарските националисти.
– Изборите беа целосно во знакот на протест против Борисов – вели Парван Симеонов, директор на бугарската подружница за истражување на јавното мислење „Галуп“.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој е жесток политички противник на Бојко Борисов, по неуспешните обиди за формирање влада по априлските избори, успеа да издејствува формирање привремена влада, која продолжи да пронаоѓа докази за корупција на поранешната влада. Привремениот министер за внатрешни работи Бојко Рашков тврдеше дека имало и прислушување на организаторите на повеќемесечните протести на опозицијата.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС во својата анализа пред изборите во април годинава напиша дека Бугарија во последните десет години доживува пад на индексот на либералната демократија.
– Република Бугарија е држава со голем број проблеми, граѓаните во најнеразвиената држава во ЕУ живеат на работ на сиромаштија. Економијата е неефикасна, финансиските средства се ограничени и главно веќе исцрпени, а создаден е силен слој на олигархија, кој има околу три илјади поединци, кои водат клановски борби за распределба на ограничените финансиски средства и прераспределбата на моќта, имотот и бизнисите. Преку рацете на мал број богати тајкуни поминуваат повеќето јавни тендери и средства од европските фондови. Криминалот и корупцијата се сеприсутни и се наметнати како основна општествена технологија во управувањето на јавните фондови и во сите јавни сфери. Самите закони создаваат услови за корупциска практика, а корупцијата станува општествена норма, пишува во анализата на институтот од Љубљана.