Од вчера важи одлуката за најновото продолжувања на забрани за влез во Грција на голем број земји, меѓу кои и за државјаните на Македонија. Од оваа мерка за заштита од ширењето на болеста ковид-19, предизвикана од новиот коронавирус, се исклучени одредени категории луѓе.
Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, како и привремените ограничувања на копнените граници со Македонија, Албанија и Турција, е продолжена до 15 септември. Туристите и странските државјани за кои не постои забрана во Грција може да влезат само преку граничниот премин со Бугарија, Кулата-Промахонас, но мора да имаат негативен тест за ковид-19 направен најмногу 72 часа пред пристигнувањето.
На другите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР-тест.
Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица што имаат дозвола за престој и лица што живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини, за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила што од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање пациенти што припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите-членки на ЕУ и EУЛЕКС на Косово.
Поради регистрирани 28 позитивни случаи на ковид-19, еден центар за згрижување деца бегалци без придружба во атинска населба е ставен во 14-дневен карантин. Според медиумите во Грција, во центарот за грижа на деца бегалци без придружба се сместени 40 деца, од нив 20 се заразени со коронавирусот, а осум од позитивните лица се вработени.