Две години по убиството на Оливер Ивановиќ, лидерот на граѓанската иницијатива СДП, сѐ уште не се познати извршителите на атентатот врз српскиот политичар од Косово. Косовското специјално обвинителство на почетокот на декември поднесе обвинение против шест лица обвинети за вмешаност во неговото убиство, а беше издадена и меѓународна потерница за апсење на Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ за наводно раководење со криминална група. Но Србија ја спроведува истрагата самостојно, без поддршка од Приштина и меѓународните актери во Косово, со ЕУЛЕКС на прво место, додека, како што рече, УНМИК тука „нема посебни ингеренции“.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на втората годишнина од атентатот на лидерот на граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ, изјави дека нејзина главна порака е дека Србија нема да запре со истрагата сè додека не бидат откриени нарачателите и сторителите на тоа злосторството, и тоа „реалните, а не тие како што би сакале некои да ја направат оваа приказна“.
– Ние спроведуваме истрага со врзана лева и десна рака од страна на Приштина и меѓународната заедница – изјави Брнабиќ, која додаде дека обвинетите за убиството на Ивановиќ не можат да очекуваат правилно судење на Косово и истакна дека косовското обвинение е „фарса“ и дека „доказите, доколку може да се наречат така, се противречни“.
По повод двегодишнината од убиството на Оливер Ивановиќ, се огласи неговиот братучед Александар Ивановиќ, кој за ТВ Н1 изјави дека длабоко верува дека снимките од камерите за надзор ќе дадат одговор на многу прашања, вклучувајќи и дали убиството го извршиле Срби или Албанци и кој им помогнал да дојдат и да ја напуштат Косовска Митровица.