Според статистичките податоци на Еуростат, околу 34 отсто од бугарските граѓани имаат проблеми со редовна исплата на нивните долгови. Грција е последна, со околу 47 отсто, објави БТВ.
Повеќето од должниците имаат тешкотии со навремено плаќање на ратите за хипотекарни кредити, кирии и сметки за комунални услуги. Според Комитетот на потрошувачи во Бугарија, просечниот долг на граѓаните се зголемил за двојно во последните две години и достигнал ниво од 900 лева.
Проблемот се јавува кога должниците немаат можност да го враќаат кредитот и тогаш почнува малтретирање од страна на фирмите за присилна наплата. Од Комитетот за заштита на потрошувачи нагласуваат дека во многу случаи однесувањето на „наплатувачите“ е некоректно, за што се бара и измена на законските овластувања на овие фирми.
– Не смее да се дозволи граѓаните да бидат постојано заплашувани и посетувани на работните места, бидејќи тоа не одговара на етичките норми за работа – велат од Здружението за заштита на потрошувачи.
Како одговор на овие обвинувања од Здружението на фирмите за присилна наплата велат дека работат на расчистување на одредени случаи во кои биле прекршени пропишаните стандарди при наплата на заостанатите долгови од граѓаните.
Претседателот на Правната комисија во националното собрание на Бугарија, Данаил Кирилов, објасни дека минатата година имаше дебати на оваа тема, во која беа вклучени претставници на компании за наплата на долгови, здруженијата за потрошувачи и должниците. Според него, проблемот во голема мера беше решен. Сепак, продолжуваат пријавите од луѓе што се малтретирани од страна на приватните извршители. Пратеникот истакна дека секој Бугарин има право да се заштити од такви дела ако верува дека се надминати нормите на правната постапка. Меѓутоа, тој навел дека во односите помеѓу доверителот и должникот мора да се почитуваат законските обврски што треба да се исполнат за двете страни.