Грчкото министерство за внатрешни работи испрати свои претставници во Тирана за да ги добијат потребните информации околу убиството на Констандинос Кацифас, албански Грк, кој поседувал и грчко државјанство.
Делегација на грчката полиција оствари средба со генералниот директор на албанската полиција, Арди Велиу, на која беа разменати информации околу инцидентот, кој се случи во неделата во селото Буларат, кај Ѓирокастро, во близина на албанско-грчката граница.
Кацифас беше убиен во престрелка со припадниците на специјалната полициска единица „Ренеа“ по свеченоста кај гробиштата на грчките војници загинати во италијанско-грчката војна, кога албанските полицајци сакале да го тргнат грчкото знаме што претходно го поставил Кацифас, кој бил вооружен со „калашников“.
Овој инцидент предизвика тензии на релација Тирана-Атина, а грчкиот заменик министер за надворешни работи вчера предупреди дека и преговорите меѓу двете земји кои се водат за повеќе прашања, ќе зависат од истрагата околу настанот во Буларат.
На реакциите од грчка страна, албанските власти тврдат дека припадниците на „Ренеа“ во случајот делувале според надлежностите и потребните стандарди. Во тек е темелна експертиза што ја водат албански експерти на кои неофицијално по барање на грчката страна од вчера им се придружил и грчки висок полициски офицер.
Албанскиот претседател, Илир Мета, инцидентот го оцени како изолиран настан кој „не треба да влијае врз албанско-грчкото пријателство”. Во исто време тој упати апел до политичките партии настанот да не го користат за политички цели.