Стратегиска цел на Босна и Херцеговина е преку своите тела кон крајот на идната година да ја преземе одговорноста за нудење услуги во авионскиот сообраќај на целокупниот воздушен простор на земјата. Но ова би можело да биде доведено во прашање доколку Претседателството на БиХ набргу не го одобри нацртот за преговорите за дефинирање на новите меѓудржавни договори со соседните земји, предупредуваат од Агенцијата за нудење авионски услуги во воздушниот сообраќај (БХАНСА).
Директорот на оваа агенција Даворин Приморац е изненаден од тоа што Претседателството на БиХ не го одобри нацртот за преговори, што пред повеќе од еден месец го утврди Советот на министри на БиХ.
– Во интерес на сите во БиХ е кон крајот на идната година да ја преземеме целосната одговорност за услугите во авионскиот сообраќај на целата територија. Не гледам ниедна причина зошто би било ова блокирано или би било оспорувано. Се надевам дека Претседателството брзо ќе ги одобри нацрт-преговорите, што е формален, но неизбежен предуслов за сите наредни активности – вели Приморац.
Босна и Херцеговина од 2014 година влезе во процесот на преземање на одговорноста за нудење услуги во воздушниот сообраќај над целата своја територија. Тогаш беше преземена контролата над просторот до 10.000 метри надморска висина, додека услугите над оваа висина се во надлежност на соседните земји. Приморац смета дека со другите активности за техничко и кадровско зајакнување успешно ќе се заокружи овој процес, кој треба да финализира со потпишување нови меѓудржавни договори со соседните земји.