Пред зградата на српското Претседателство од околу 15.00 е мирно, тензиите се намалени додека дел од учесниците во демонстрациите седат во паркот. Околу зградата на Претседателството е распоредена жандармеријата. Демонстрантите ги затворија сите влезови во зградата на Претседателството во обид да не дозволат претседателот Александар Вучиќ да го напушти објектот, јави дописникот на МИА од Белград.
Претседателот на Двери и еден од лидерите на Сојзуот за Србија, Бошко Обрадовиќ, денеска изјави дека се собрале пред Претседателството на Србија да го повторат барањето за оставка на целиот државен врв и дека РТС треба да му се врати на граѓаните на Србија и дека на опозицијата и организаторите на протестот „Еден од петте милиони” да им се дозволи да зборуваат во вечерните вести на РТС.
Тој рече дека на српскиот претседател Александар Вучиќ нема да му дозволат да излезе од зградата на Претседателството.
– Денес сме тука за да го испратиме, и да му порачаме -оставка, оставка, оставка, рече Обрадовиќ и ги повика жителите на Белград да им се придружат на демонстрантите пред Претседателството.
Обрадовиќ додаде дека нема повлекување „се додека не му се види крајот на овој режим“.
– Ова е добар народ кој има лоша власт. Мора заедно да ја ослободиме Србија, нагласи Небојша Зеленовиќ, претседател на Заедно за Србија.
Драмскиот писател Синиша Ковачевиќ рече дека Александар Вучиќ „веќе не е претседател“ и дека тие „ќе го известат за тоа“.
-Вучиќ веќе не е претседател, само тоа не му го кажале. Ние ќе го известиме за тоа, нагласи Ковачевиќ.
Српскиот перетседател Александар Вучиќ изјави дека државата не толерира насилство и истакна дека ќе одговараат сите кои учествувале во насилствата за време на синоќешниот упад во РТС.
Вучиќ изјави дека очекува поддршка само од својот народ и не го интересираат реакции на западни амбасади.
-Големите пријатели на Зоран Заев, тајкуните Ѓилас и Јеремиќ, се пофалија како го осудија министерот за внатрешни работи Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. По тој принцип ние можеби би можеле да размислуваме за одговорност на министерот за внатрешни Небојша Стефановиќ што го пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Ѓилас да влезат внатре. Сметам дека министерот мислел дека има работа со одговорни луѓе и такво нешто нема да им падне на памет. Што се однесува до западните амбасади, јас ја очекувам поддршката од мојот народ, што работат западните амбасади нека си ја работат својата работа тоа не ме интересира – рече Вучиќ.
Вучиќ потоа објави фотографија на Инстаграм на која игра шах со министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ во претседателството.
Српскиот претседател Александар Вучиќ посочи на Инстаграм профилот Иднината на Србија дека во Србија дека не треба да постои страв и дека тој ќе одговори на насилството на најдобар можен начин.
„Србија е демократска земја, Србија е правно регулирана земја, и Србија ќе може да одговори на насилство согласно тој принцип”, пишува на тој профил на Инстаграм.
Лидерите на Сојузот за Србија, чии приврзаници денеска ги блокираа сите влезови на зградата на Претседателството, побараа заминување на актуелната власт, итно разрешување на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Ана Брнабиќ, претседателот на Собранието, Маја Гојковиќ и одржување слободни избори на сите нивоа.
Полицискиот синдикат на Србија ги повика полицајците да одбијат наредба за употреба на физичка сила врз демонстрантите во Белград, ако добијат таква наредба.
-Надвор од неговата надлежност Небојша Стефановиќ, со својата наредба, ги доведе во животна опасност граѓаните и самите полицајци, се вели во соопштението на синдикатот.
Синдикатот на полицијата ги повика демонстрантите да не ја напаѓаат полицијата, туку да покажат почит, а полицијата ќе биде на страната на народот.
-Полицијата треба да се придржува кон Уставот и законите, а не волјата на политичарите, се вели во соопштението.
Прекршочен суд во Белград денеска осуди на затворска казна од 30 денови едно 19-годишно момче за кршење на Законот за јавен ред и мир во врска со упадот синоќа во зградата на РТС. Во Прекршочниот суд има уште четири лица и до крајот на денот судот треба да донесе одлуки за нивните предмети.