Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала беше почувствуван во Грција. Според локалните медиуми, епицентарот на земјотресот бил регистриран во близина на Крит.
Црквата Свети Никола во градот Ксирокампос на исток од Крит се сруши откако грчкиот остров беше погоден од земјотрес со јачина од 6,3 степени, а пријавени се штети и на други згради во таа област.
Земјотресот го погоди Крит и другите егејски острови, а жителите на Ираклион излегоа на улиците. Набргу по силниот земјотрес од 6,3 степени, уследи уште еден земјотрес од 4 степени, по што започнаа свлечишта.
Пожарникарите се во состојба на готовност, а има наредба за евакуација на училиштата, пренесува грчкиот портал „Катимерини“.
Според сведочењето на жителите на Крит објавено на веб-страницата на Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар, земјотресот бил силен и траел неколку секунди.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос напиша на Фејсбук дека по силниот земјотрес во морето југоисточно од Крит, се формирало мини цунами и предупреди никој да не се приближува до брегот. Како што претходно објави Институтот за геодинамика во Атина, епицентарот на земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтер бил во морската област, 23 километри југоисточно од Закрос, на длабочина од 8 километри.
Освен на Крит, земјотресот е почувствуван и на Родос и на другите егејски острови, но и на подрачјето на Атика.