Бугарските пратеници, на првото читање, ги прифатија измените на законот со кој се регулира работата на Министерството за внатрешни работи, а во предлог-текстот се предвидува дирекцијата за жандармерија да биде преименувана во „Жандармерија, специјални операции и контратероризам“ и да биде дел од генералниот директорат на националната полиција. Жандармеријата ќе има надлежност да ги спречи и задуши терористичките акти, да ослободи заложници, да ги приведува и разоружува особено опасните криминалци и криминални групи.
Законот предвидува можност за формирање специјализирани единици за одговор во полициските структури, вклучувајќи и во регионалните дирекции на МВР, во случај на криминална активност. Како што беше посочено во расправата, и досега постоела можност да се формираат посебни безбедносни служби, во случај на пожари и други ризици за населението. Пример за тоа е и формирање групи за обезбедување и заштита на животинскиот фонд од ловокрадците.
Пратениците од Обединети патриоти соопштија дека ги поддржуваат измените на законот, но ќе поднесат сопствен предлог помеѓу првото и второто читање за воведување и регулирање на доброволните единици, а една од намените на овие единици е да се справат со криминалот меѓу ромската популација.