Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека на 24 јуни во Турција ќе се одржат предвремени претседателски и парламентарни избори.
Ваквата најава Ередоган ја даде по средбата со лидерот на десничарската Партија на националистичка акција (МХП), Девлет Бахчели, на која бил разгледуван неговиот вчерашен предлог за одржување предвремени избори за шеф на државата и за членови на Големото народно собрание.
– Позитивно одговоривме на предлогот на Бахчели за предвремени избори и донесовме одлука изборите да се одржат на 24 јуни, нагласи Ердоган.
Бахчели вчера предложи наместо редовниот термин во ноември 2019 година, во Турција да се одржат предвремени претседателски и парламентарни избор на 26 август оваа година.
Пред неколку месеци МХП постигна договор со Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган за заеднички настап на следните претседателски и парламентарни избори.
По вчерашниот предлог на Бахчели, турскиот вицепремиер и владин портпарол Бакир Боздаг изјави дека владејачката АКП ќе ја разгледа ваквата идеја, по што беше и закажана денешната средба на лидерот на МХП со Ердоган.
Повеќемина претставници на турските власти, вклучително и самиот Ердоган, изминативе недели во неколку наврати ги негираа гласините дека Владата планира распишивање предвремени избори.
Овие избори се клучни затоа што по нивното спроведување стапуваат во сила лани усвоените измени на турскиот Устав, со кои Турција од парламентарна се трансформира во претседателска република. Со измените, шефот на државата добива поголеми извршни надлежности, вклучително и дирекно раководење со Владата, а функцијата премиер се укинува.