Гласањето на предвремените парламентарни избори во Косово започна денес во 7 часот со гласање на претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК) Ваљдете Дака на едно од избирачките места на Факултетот за технички науки.
1.067 кандидати се натпреваруваат за 120 места во Собранието на Косово. Дваесет партии, четири коалиции, како и еден независен кандидат од бошњачката заедница учествуваат на изборите.
Шестмина се номинирани за косовски премиер, пет од албанската и еден од српската заедница.
Гласањето се спроведува на 2.547 избирачки места, 1.937.869 гласачи имаат право на глас, или 111.733 повеќе отколку на локалните избори 2017 година.
Централната изборна комисија донесе одлука дека 35.087 граѓани надвор од Косово имаат право на глас.
Според аналитичарите и набљудувачите, изборната кампања поминала во мирна и фер атмосфера со помалку вербални напади и навреди од претходните избори за 2017 година.
Од безбедносна гледна точка, исто така, немало значајни инциденти, освен обидот за притисок и заплашување на кои биле изложени косовските Срби во северниот дел, но и во другите делови на Косово.
34.558 акредитирани набудувачи ќе ги набљудуваат изборите во Косово. Ангажирани се 6.000 полицајци и 100 обвинители за безбеден тек на изборите.