Александар Вучиќ и Српската напредна партија (СНС) се апсолутни победници на српските избори со освоени 63,4 проценти од гласовите, по соопштените првични резулати, кои ќе претрпат одредени измени со оглед дека не се изброени гласовите на Србите од Косово. СНС според овој резулат би требало да има 190 пратеници во идниот парламент.
– Во политиката сум долг период, но не сум имал ваков момент, добивме огромна доверба од народот, најголема досега во Србија. Добивме големо предупредување дека мораме да бидеме поодговорни и посериозни и дека мораме да направиме најдобри резултати за нашите граѓани. Ова е историски момент, ние добиме над два милиона гласови од излезени над 3 милиони гласачи на овие избори – истакна Вучиќ при обраќањето од партискиот изборен штаб.
Тој нагласи дека СНС победила на секое место во странство и секаде каде што не победувала досега.
– На Косово е рекордна излезноста, резултатите ги очекуваме утре, за прв пат над 10.000 Срби излегоа во Косовска Митровица да гласаат, над 65.000 во Косово, зошто знаат колку е важно да останеме јаки. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани на Србија, кои и покрај сите закани и лоши услови, покрај заплашувањето со корона излегоа, зошто знаат дека иднината на Србија е поважна од сите нас. Граѓаните кажаа што мислат и што сакаат за иднината на Србија – рече Вучиќ.