Официјални претставници на Европската Унија (ЕУ) велат дека прашањето за границите на Западен Балкан е затворено прашање.
– Позицијата на ЕУ во врска со ова прашање е добро позната. Ние сме апсолутно против каква било промена на границите. Ова е нешто што можеме да го затвориме еднаш и засекогаш – рече портпаролот на Европската комисија (ЕК), Ерик Мамер.
Тој ги изнесе наводите откако беше запрашан за таканаречениот „нон-пејпер на Јанша“, за кој регионалните медиуми објавија претходно во април, според кои словенечкиот премиер Јанез Јанша испратил документ во седиштето на ЕУ, тврдејќи дека дезинтеграцијата на поранешна Југославија не е завршена.
Портпаролот на ЕК повтори дека никој никогаш не го видел нон-пејперот во европските институции, ниту дека има такви идеи на европско ниво.
– За сите можни документи што пристигнале или ќе пристигнат – нашата позиција во врска со ова прашање (промена на границата) е крајно јасна – рече Ерик Мамер, портпарол на ЕК.
Според регионалните медиуми, нон-пејперот на Јанша наводно зборува за прецртување на границата меѓу Србија и Косово, а се предвидува и можност за отцепување на Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство кон Албанија и припојување на делови од БиХ, западна Херцеговина, кон Хрватска.
Европските официјални лица веднаш го демантираа постоењето на документот.