Местоположбата на крстопатот на големите сили не мора да значи дека државата е париче за нивно поткусурување. Напротив, таквата местоположба може да го отвори патот кон просперитет. Денес Србија има исклучителна можност за стратегиско ресетирање, кое би можело да ги насочи земјата и целиот регион кон дестинација што значи подобра иднина за сите. И за Косово важи нешто слично. Но првиот чекор што треба да се направи е што побрзо наоѓање вистинско решение за решавање на проблемот со Косово
Анализа
Дубровник е многу повеќе од прекрасен сценски декор за снимање на серијата „Игра на тронови“. Во 18 век, малиот град-држава (во денешна Хрватска), речиси целосно опкружен со отоманска територија, сепак успеал да ја задржи својата слобода и да просперира. Тој бил главно пристаниште и деловен центар, не само за Истанбул туку и за голем број моќни европски држави, обидувајќи се истовремено да воспостави трговски односи дури и со новоформираната американска република. Сиве тогашни моќни држави сметале дека во корист на нивните измешани интереси, најдобро ќе биде да му дозволат на Дубровник да напредува, зашто само како таков носел корист за сите.
Западен Балкан, недовршено поглавје на Европа
Додека Словенија и Хрватска веќе со години се членки на ЕУ, изгледите на другите земји од околината за рамноправно членство во Унијата се ставени на опцијата за долго чекање. Во регионот сѐ уште постои голем потенцијал за нови конфликти. Меѓународниот криминал и корупцијата се сериозен проблем. Русија има влијание во регионот, а Кина се обидува да го засили своето влијание во овој дел од светот. Сепак, најгорливиот актуелен проблем на Западен Балкан се крие во тензијата меѓу Србија и Косово. Решавањето на проблемот со Косово би можело да биде клуч за промоција на регионот на Западен Балкан за регионален развој и стабилност. Но како стојат засега работите? Традиционално, Србија во голема мера се потпира на своите врски со Русија и со Кина, иако и од Западот добива голем број инвестиции и редовна финансиска помош. Самата Србија нема суштински потези за продлабочување на односите со западните земји.
Аналитичарите коментираат дека на тој начин Србија ги испушта шансите да го избалансира и својот однос со двете светски сили. Овде не станува збор за одбирање страни, туку, како што велат политичките аналитичари, за создавање една Србија што ќе биде почитуван и одговорен регионален играч, а наедно и за нејзина промоција во нова, позитивна сила во одржувањето рамнотежа кога станува збор за интересите на големите сили во овој регион. Најбрз и најефикасен начин за да ги урамнотежи Србија своите односи со Западот е нормализирање на односите со Косово. Доколку дојде до успешно решавање на овој суштински проблем со регионален потенцијал, тоа би можело да ја трансформира иднината на целиот Западен Балкан.
Каква е состојбата со Косово
Што се однесува до Косово, јасно е дека неговата иднина лежи во целосна интеграција со трансатлантската заедница. Неговите жители го знаат тоа, а Србија, според западните аналитичари, само си ги губи времето и ресурсите ако смета дека Косово некогаш би се откажало од поставената цел. Додека се обидува да одржува отворен и конструктивен дијалог со Србија, Косово мора да продолжи да бара начини за движење напред. Државата веќе има донесено одлука да ги зголеми вложувањата за развој на сопствената војска, што значи дека со текот на времето ќе ги достигне критериумите за членство во НАТО. Во меѓувреме, Косово треба да пронаоѓа креативни начини за соработка со Алијансата. Креативноста е навистина од суштинско значење, со оглед на фактот дека некои од методите на соработка засега не се можни. На пример, се размислува за воено учество на Косово во Авганистан.
(Ова е клучен период за Авганистан, па во овој момент, каква било дополнителна меѓународна поддршка таму би била добредојдена и позитивно вреднувана). Покрај тоа, испраќањето дури и на најмал контингент војници би му овозможило на Косово да го прошири и да го продлабочи своето воено искуство. Меѓутоа, тука постојат пречки. Се разбира, една од главните претставува ставот на петте европски држави (Шпанија, Словачка, Кипар, Романија и Грција), кои го немаат признаено Косово. Четири од нив (освен Кипар) се членки на НАТО, а сите пет се членки на ЕУ. Поради ваквата ситуација на теренот, Косово е спречено да испрати свои трупи во Авганистан, а наедно е усложнет и неговиот пат кон портите на НАТО. Понатаму, ако сака да наредува, Косово треба да продолжи да бара начини за развој на побезбедно и почисто енергетско снабдување, интегрирајќи се полека во некој поголем и посигурен регионален енергетски систем.
Една од опциите би можела да биде изградба на предложениот гасовод Албанија – Косово, со што Косово би се поврзало со албанскиот дел од Трансјадранскиот гасовод, кој и самиот е дел од Јужниот гасен коридор.
Овој последниов беше пуштен во употреба во 2018 година и транспортира касписки гас низ територијата на Европа. Треба да се напомене дека и иницијативата „Три мориња“ (во која членуваат 12 европски држави) нуди добри можности за интеграција на Косово и вклучување во дијалогот, за да се истражат шансите за негово партнерство со членките, особено на полето на дигиталната инфраструктура.
Во сублимиран заклучок од анализите во „Нешанал интерест“, актуелниот натпревар меѓу големите сили не мора да значи дека тие работат на штета на државите од Западен Балкан. Напротив, актуелната политичка ситуација им нуди на Србија и на Косово извонредна можност да придонесат за поголем мир и просперитет во регионот. Најпосле, демонстрирајќи ја својата вредност пред очите на големите светски играчи, Западен Балкан има потенцијал да стане подрачје за секаков вид соработка, а не за соперништво.
Во статијата се искористени повеќе анализи за Западен Балкан од „Нешанал интерест“.