Електричните тротинети, преку две различни компании, достапни им се за изнајмување на Грците и туристите во Солун и во Атина. Поради зголемено интересирање за користење на овие превозни средства од туристите и граѓаните, Министерството на транспорт на Грција предложи низа мерки за ракување и употреба на електричните тротинети и за да се воведат основни правила поврзани со безбедноста, јави дописничката на МИА од Атина.
Во групата „Лесни лични електрични возила“ се вклучени оние превозни средства што се напојуваат со електричен мотор и не се дел од Законикот за патнички сообраќај. Од грчкото министерство во оваа група ги вклучуваат ролерите, скејтбордите, електричните тротинети и средствата слични на нив.
Ракувачите треба да бидат на над 15-годишна возраст или над 12, доколку се во придружба на полнолетно лице, и задолжително да носат шлем.
Конкретните превозни средства се поделени во три категории, во зависност од брзината што може да ја достигнат.
Оние со максимална брзина од шест километри на час се во иста категорија со пешаците и може да се движат слободно во пешачките зони.
Доколку просечната брзина што може да ја достигне средството е од шест до 25 километри на час, се смета за велосипед и се води според истите правила предвидени со Законот за движење на велосипедите.
Во третата група се оние средства што може да достигнат просечна брзина од над 25 километри на час и ќе бидат парично казнени во висина од 400 евра во случај да се движат надвор од местата дозволени за нив.
За првите две категории е предвидено превозните средства да бидат обележани со специјална налепница.