Албански рибарски брод потона во водите на Јонско Море, а четворицата рибари имале голема среќа, зашто по четири часа на отворено море, се спасени од траектот кој сообраќа на релација Бриндизи-Валона.
Бродот потонал во близина на островот Сазан, а рибарите успеале да останат над вода благодарение на пластична боца.
Сигнал за помош од бродот „Васили ЛН“ бил испратен во два часот по полноќ, по што веднаш чамци на крајбрежната стража почнале контролата и пребарувањето на делот каде што потонал бродот и околината, но, рибарите не биле пронајдени.
Утрово околу шест часот, Капетанијата од пристаништето Валона добила известување дека од траектот кој сообраќа на релација Бриднизи-Валона, на оддалеченост од околу шест милји од островот Сазан биле забележани четворицата рибари К.К.(65), М.Н(54), Е.Н(20) и М.Ј.(19), а потоа и извлечени од водата.
Според лекарите од Регионалната болница во Валона, четиричлениот екипаж на бродот е во добра здравствена состојба.
Инаку, во овој дел на Јонско Море во мрежите на албанските рибари,во изминатиот период, уловени се повеќе ајкули.