По гласањето на Европскиот парламент за напредокот на земјите од Западен Балкан
Албанија, Македонија и Србија треба да продолжат да се фокусираат на фундаменталните реформи, порачаа неделава од Европскиот парламент. За Албанија се клучни слободни и фер избори, предуслов за Србија и Косово е нормализирање на меѓусебните односи, Македонија би требало да ги почне преговорите за членство во Европската Унија колку што е можно порано. Ова се главните препораки од европските пратеници, кои во четвртокот ја усвоија резолуцијата за земјите од Западен Балкан.
Во документот беа искажани европските перспективи за Балканот, но со предупредување дека напредокот на овие земји за придружување кон ЕУ зависи од трајните, детални и неповратни реформи во областите како што се владеењето на правото и ефикасното функционирање на демократските институции. Покрај ова, се истакнува значењето за јакнењето на борбата против корупцијата и организираниот криминал, заедно со добрососедските односи и регионалната соработка, пренесува Радио Слободна Европа.
Србија: Усогласување со политиката на ЕУ
Европратениците предупредија дека нормализацијата на односите со Косово и вистинското почитување на основните права во земјата е пресудно за одредување на темпото за пристапните преговори со Србија. Тие искажуваат загриженост од ефикасноста на српското собрание, во кое не постои парламентарна опозиција. Европратениците ја повторија важноста од усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Србија има најнизок степен на „усогласеност“ од другите земји во регионот. Како позитивен напредок е посочено достигнувањето во развојот на функционална пазарна економија и продолжување на структурните реформи во оваа област. Европскиот парламент оцени дека Србија назадува во поглед на реформите и изразува загриженост поради растечкото влијание на Кина и Русија во земјата. Наспроти ова се нагласува фактот дека ЕУ е водечки трговски партнер и најголем донатор, но Србија придава несразмерно многу внимание на трети земји, се наведува во резолуцијата на ЕП. Освен ова, се укажува и на сѐ поголема „зависност на Србија во одбранбената и безбедносна опрема и технологија од Кина, вклучувајќи го и системот за масовен надзор во Белград и масовно собирање лични податоци без соодветни заштитни мерки“, пренесува „Ал џезира“.
Албанија: Јасна посветеност на интеграциите
За Албанија е потврден ставот за „јасната стратегиска ориентација и посветеност на интеграцијата на земјата во ЕУ“. Европските пратеници ја повикуваат Албанија на формален почеток за преговори за придружување по целосно исполнување на условите што се поставени од Советот на Европа. Како посебен критериум се наведува консолидацијата и обновување на демократскиот процес, преку одржување слободни и чесни избори на 25 април 2021 година.
– Во земјата дојде до значаен напредок во областа на владеењето на правото, изборните прописи, сузбивањето на организираниот криминал, реформите во правосудството, положбата на Уставниот суд и Врховниот суд – изјави на пленарната седница Исабел Сантос, известувачка на ЕП за Албанија.
Македонија: Одржување меѓувладина конференција
Во Македонија е постигнат доследен напредок и се одржува постојано темпо во реформите, заклучиле европратениците, кои ја повикуваат ЕУ што порано да ја одржи првата меѓувладина конференција со Македонија, на која ќе биде означен формалниот почеток на пристапните преговори. Пратениците жалат што Бугарија и Македонија сѐ уште не постигнале спогодба за отворените билатерални прашања и ги охрабрува двете земји да постигнат компромис за акцискиот план за конкретни мерки за надминување на „бугарското“ вето за почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Изготвувачот на извештајот Илхан Ќучук го поздрави фактот што Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата на ковид-19.
– Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат.
Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно во согласност со Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро – изјави Ќучук.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во обраќањето пред европратениците на дебатата за годишните извештаи за напредокот за земјите од Западен Балкан, изрази надеж дека сѐ уште е можно првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи за време на португалското претседателство со ЕУ, односно пред 1 јули.
Амандманите поднесени од страна на социјалдемократите и зелените, преку кои се даваше поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Македонија, не поминаа поради блокада на европратениците од Европската народна партија и европските конзервативци.