Судот во Босна и Херцеговина со државното обвинителство во средата поведе постапка да се заштити заштитениот сведок од предметот за геноцидот во Сребреница, чиј идентитет беше објавен од еден локален портал, а оваа информација беше пренесена од другите медиуми во Република Српска, меѓу нив и сајтот на јавниот сервис на Радио-телевизија Република Српска. Станува збор за заштитениот сведок М-16, кој во претходната судска постапка во 2017 година говореше за учество на актуелниот премиер на РС, Радован Вишковиќ, за текот на геноцидот во Сребреница.
– Обвинителството на БиХ прими пријава против одредени службеници на судот и обвинителството на БиХ во врска со откривањето на идентитетот на заштитениот сведок и неовластеното отстапување документи. Поради ова ќе се изврши проверка на изнесените наводи во пријавата – се наведува во одговорот од обвинителството на БиХ испратен до редакцијата на Радио Слободна Европа.
Според Законот за кривична постапка, тимот на одбраната на обвинетиот мора да биде информиран за идентитетот на заштитениот сведок за предметите за воени злосторства. Државниот обвинител Ибро Булиќ, кој го истражува геноцидот во Сребреница, вели дека мерките за заштитени сведоци пред босанскохерцеговското судство не се ефикасни.
– Мора да се соопшти идентитетот на заштитениот сведок на одбраната, а тоа се прави најчесто 15 дена пред самото судење. Ова остава простор овој идентитет да се открие и има можност да се контактира со него од страна на одбраната, а тука веќе има проблеми. Овој случај покажува дека мерките за заштита треба да бидат уште поостри. Не е доволна само забраната за соопштување на идентитетот, туку се потребни и други мерки, како што е необјавување во јавност содржината од нивните сведоштва. Овие сведоци треба да се сослушуваат на затворени седници и да се заострат санкциите за објавување на идентитетот на сведокот – вели Булиќ во изјава за РСЕ.
Пред судот во Босна и Херцеговина во предметите за воени злосторства сведочеле илјада заштитени сведоци. Во десетина случаи имало приговори дека им е откриен идентитетот, а имало и закани кон нив за да не сведочат пред судот, вели Минка Крехо, претседателка на кривичното одделение во судот на БиХ.
– Ние веднаш реагиравме за обелоденувањето на името на заштитениот сведок и организиравме негова заштита од Државната агенција за истрага и заштита (СИПА). Обвинителството поднесе и кривична пријава против оние што ги објавија неговото име и презиме – вели Крехо.
Таа забележува дека откако сведокот ќе ја напушти салата за судење, тој е оставен сам на себе.
Особено загрижува изјавата на Милорад Којиќ, директор на Републичкиот центар за истражување на војната и на воените злосторства и за потрага по исчезнатите лица од Република Српска. Тој пред неколку дена изјави дека располагаат со список на сите заштитени сведоци и дека ќе биде објавен нивниот идентитет. Ова, според мислењето на Крехо, е обид за заплашување на идните сведоци што би сведочеле пред судот во БиХ.
– Заштитата престанува кога ќе те остават по судењето пред зградата, станот или куќата каде што живееш. Тогаш тие заминуваат во своите домови, а ти остануваш сам во својата куќа и тебе никој не може да те заштити – вели Мирсад Дуратовиќ, претседател на здружението на логорашите „Приедор 92“.
Од Регулаторната агенција за комуникации на БиХ информираат дека како агенција немаат надлежност за регулирање на содржините што се објавуваат на интернет-порталите.