Србија
Србија некогаш ќе мора да одлучи со кого ќе ја усогласи својата надворешна политика, со Европската Унија или со Русија. Секоја држава има право да донесе суверена одлука за својата надворешнополитичка ориентација, така и Србија, чија власт го означи членството во Унијата како една од целите на официјалната државна политика, изјави Виола фон Крамон, пратеничка на Европскиот парламент и претставничка на германската партија на зелените, во разговор за „Гласот на Америка“.
– Сосема е во ред ако надворешнополитички сака да се усогласи со Русија. Но фактите говорат нешто друго: Србија и Северноатлантската алијанса одржаа 17 заеднички маневри, додека со Русија имало три или четири. Ова не е лесно да се разбере – рече Фон Крамон.
Таа потсетува на случајот кога Србија се спротивстави на резолуцијата на ООН во врска со украинскиот полуостров Крим, што беше анектиран од Русија во 2014 година, и забележа дека солидарноста на Србија и Русија е „разочарувачка“. Оваа одлука на Белград е спротивна на ставот на западните партнери и на НАТО.
За неотворањето на ниедно поглавје за Србија за нејзино зачленување во ЕУ постојат јасни причини, а тоа е дека не е доволно само најавување реформи, туку и нивно спроведување, особено во областа на правосудството и слободата на медиумите, нагласи германската политичарка.
Коментирајќи ја својата претходна изјава на социјалните мрежи дека тоа што Србија не отвори ниедно поглавје е добра вест, Крамон објасни дека „никој од Европскиот парламент не би требало да биде среќен за тоа, но е добро Европската комисија конечно да го применува принципот на строга условеност“, пренесе „Танјуг“.
Напредокот на Србија во најголема мера зависи од ефектот во дијалогот меѓу Белград и Приштина и, како што истакна германската политичарка, за „Косово и за Србија важи истиот услов, без заемно признавање и сеопфатна спогодба, нема начин за нивна европска интеграција“.