Во одвоени иницијативи е нагласениот интерес, пред сѐ на Хрватска и на Словенија, и на другите земји што имаат поблиски економски и политички односи со балканските држави да предизвикаат проактивна улога на Европската Унија во процесот на целосно заздравување на Западен Балкан и, секако, на негово побрзо европско интегрирање
Да има поголем европски фокус кон случувањата и состојбите во Босна и Херцеговина. Ова е главната порака од документот што Хрватска ќе го достави пред состанокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија, во кој во форма на нон-пејпер ќе биде побарано од преостанатите земји во Европската Унија да се поддржат реформите во БиХ, со што би ѝ се овозможило на земјата да добие статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ. Документот, покрај Хрватска го потпишале и Словенија, Грција, Кипар, Унгарија и Бугарија. Ова не е прво писмо со кое помалите земји-членки бараат од „централата“ на Европската Унија повеќе да се ангажира околу состојбите во регионот. Претходно девет земји-членки на ЕУ упатија писмо до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, со барање на состанокот во април на министрите за надворешни работи на ЕУ да се одржи стратегиска дискусија за Западен Балкан и нивните перспективи. Како потписници на ова писмо се министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и на Словенија, кои порачаа „дека е крајно време за стратегиски поглед на Западен Балкан“.
Колку од овие иницијативи на дел од членките на ЕУ ќе успеат да ја одмрзнат „европската политика“, која е премногу ригорозна во однос на проширување на Унијата кон земјите од Западен Балкан, останува нејасно. Но тоа што може да се заклучи од двете одвоени иницијативи е нагласениот интерес, пред сѐ на Хрватска и на Словенија, и на другите земји што имаат поблиски економски и политички односи со балканските држави да предизвикаат проактивна улога на Европската Унија во процесот на целосно заздравување на Западен Балкан и, секако, на негово побрзо европско интегрирање.
– Ние сакаме да ја видиме Босна и Херцеговина како значително напредува кон политичката стабилност, кон функционална пазарна економија и за благосостојба на своите граѓани. Стабилност, просперитет и функционалност на БиХ како единствена, обединета и суверена држава, е од клучна важност не само за најблиските соседи туку и за поширокиот регион, Европската Унија и Европа во целина – се наведува во документот на петте држави, пренесува Радио Слободна Европа.
Во нон-пејперот, петте држави-членки на ЕУ предлагаат интензивен политички дијалог меѓу ЕУ и БиХ, поддршка на работата на специјалниот претставник на ЕУ во Сараево, како и реформа во Изборниот закон во согласност со европските стандарди. Исто така, се бара да ѝ се помогне на БиХ во напорите за управување на миграциските процеси и борбата против илегалната миграција и криминалните групи што се активни во илегалното преминување на европските граници.
Шефот на хрватската дипломатија, Грлиќ Радман, пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи, рече дека една од темите ќе биде состојбата на Западен Балкан, како подготовка за сеопфатна расправа за овој регион на еден од следните состаноци на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Во претходното писмо до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, неговиот хрватски колега во посебното соопштение за „Еуроактив“ нагласува дека сеопфатниот пристап кон регионот е значаен за кредибилитетот на ЕУ како најважен партнер на Западен Балкан. Притоа, деветмината министри едногласно порачаа „дека е крајно време за стратегиски поглед на Западен Балкан“.
„Се чинеше дека процесот на проширување на ЕУ доби нов интензитет во пролетта 2020 година, кога Северна Македонија и Албанија добија зелено светло од министрите на ЕУ да започнат разговори за пристап подоцна истата година. Сепак, процесот наиде на ’камен на сопнување‘ кога Бугарија есента ја блокира Северна Македонија поради несогласувањата околу историјата и јазикот. Ветото на Бугарија ѝ наштети на Албанија, бидејќи членките на ЕУ го гледаат пристапувањето на Скопје и Тирана ’во пакет‘“, пишуваше во писмото упатено до Борел, чија содржина беше пренесена од порталот „Еуроактив“.