Србија
Кризниот штаб на Србија донесе конечна одлука за начинот на одвивање на наставата, а главната новина е што учениците од прво до четврто одделение во основните училишта ќе посетуваат настава во училиштата, со максимално 15 деца во една просторија. Тие ќе имаат најмногу четири часа во денот, кои ќе бидат скратени на 30 минути.
Епидемиологот Дарија Кисиќ Тепвачевиќ, во изјава за српските медиуми, рече дека најголемиот дел од помладите ученици ќе посетуваат училишна настава, затоа што е проценето дека тоа е најдобро за нив. Наставата ќе се одржува со почитување на сите мерки за намалување на потенцијалниот ризик од ширењето на респираторните инфекции.
– Ќе се почитуваат сите препораки за максималниот број на ученици до 15 деца, а оддалеченоста за седење во клупите ќе биде минимално еден и пол метар – објасни Кисиќ Тепвачевиќ.
Во училишната средина е задолжително носење маски од моментот на влегување до седнувањето во школската клупа. Учениците ќе ја носат маската кога ќе зборуваат и одговараат и секаде каде што растојанието е помало од еден и пол метар. Кога ќе слушаат предавања од наставникот ќе можат повремено да ја симнат маската, но таа е задолжителна за наставниците. Обврската за носење заштитна маска важи и за другиот персонал во училиштата, за цело време додека се на работа, и тоа на точно пропишаниот начин, утврден од здравствените власти на Србија. Маските треба да бидат епидемиолошки, хируршки и памучни.
По завршување на наставата просториите во училиштата ќе бидат дезинфицирани. За учениците во постарите одделенија ќе важат истите препораки, но тие ќе имаат комбинирана настава со присуство во училиштата и онлајн.