Един Гациќ, најбараниот бегалец во Босна и Херцеговина, кој се сомничи за брутално убиство на полицаец и на продавач, е убиен од страна на полицијата на кантонот Сараево, јавија босанските медиуми. Гациќ убиството на полицаецот го изврши на 9 февруари, а на продавачот на 6 февруари. Гациќ е сериски убиец, а од затвор е пуштен во 2017 година.
Владата на кантонот Сараево претходно распиша и награда од околу 25.000 евра за информација што ќе доведе до негово апсење.
Потрагата по Гациќ траела осум дена, а тој беше ликвидиран завчера по неколкудневно бегство. Полициските службеници и двајца обвинители од кантонот Сараево завршија со увидот на местото на кое беше ликвидиран убиецот Един Гачиќ.
Како што дознава „Клих.ба“, тој бил исклучително добро опремен и вооружен кога влегол во престрелката со полицијата. За време на престрелката убиецот користел пиштол што го зел од една од неговите жртви, полицаецот Махир Бегиќ.
Количеството муниција пронајдено кај него по ликвидирањето покажува дека бил добро опремен и се подготвувал за крвава пресметка.
Полицијата и обвинителите работеле под тешки околности поради силниот снег, непристапниот терен и мракот. Увидната екипа морала да пешачи 45 минути по патот прекриен со снег бидејќи на теренот немало пристап за возила.